Македонија
25. January 2021 - 8:28

Се чекаат првите вакцини „Фајзер“ од Србија и термините за достава од КОВАКС

Првите антиковид вакцини од „Фајзер“ од директно склучениот договор со овој производител се очекуваат во земјава во средината на февруари. Се чека прецизирање и на терминот кога ќе ги добиеме вакцините од КОВАКС-механизмот на Светската здравствена организација, како и известување за вакцините што ќе ни ги отстапат солидарно земји членки на ЕУ. Но, пред сите треба да стигнат вакцините од Србија, за што е потребна согласност од „Фајзер“, а се наменети за здравствените работници во КОВИД-центрите.

Премиерот Зоран Заев вчера соопшти дека контактирал со неговата српска колешка Ана Брнабиќ и дека упатил и втора молба до „Фајзер“ за согласност да се извезат од Србија вакцините кои ни се дадени, а и Владата, според него, ургира преку Министерството за здравство.

Тој верува дека барањето ќе биде одобрено и оти вакцините што ни ги отстапува Србија би требало да стигнат најбрзо, односно пред другите што ќе доаѓаат преку трите механизми. Според премиерот, тие ќе бидат доволни за 7850 здравствени работници кои се ангажирани во лекувањето КОВИД-пациенти.

– Верувам дека колку и да се значајни клаузулите во договорите на „Фајзер“ со Србија и на „Фајзер“ со сите други земји, може во предвечерието на добивање на нашите вакцини да ни дадат согласност час поскоро да стигнат вакцините од Србија, изјави Заев.

Во средината или втората половина  на февруари, посочи премиерот, се очекуваат да стигнат и првите дози од вакцините за кои склучивме договор директно со производителот „Фајзер“. До крајот на неделава се очекува, како што рече, прецизен и директен одговор кога се очекуваат вакцините од КОВАКС-механизмот на СЗО, а исто така и известување од Европската комисија за распределбата на одредени количини вакцини од земјите на ЕУ, т.е. од третиот, солидарен механизам.

Од сите три механизми треба да стигнат по околу 800 000 дози, односно вкупно 2,4 милиони дози за вакцинација на 1,2 милион граѓани. Со 60 отсто опфатеност на населението треба да се обезбеди колективен имунитет на КОВИД-19.

Во вчерашната статистика за последните 24 часа беа регистрирани 183 нови случаи кај кои е потврден вирусот, од 1466 направени тестирања. Починаа шест пациенти  на возраст од 45 до 90 години.

Висок е бројот на оздравени – 1731 пациент. Во целата држава се хоспитализирани 604 позитивни и сомнителни на коронавирусот и има 580 слободни болнички кревети. Во главниот град лежат 289 пациенти (103 на интерните клиники, 94 во ГОБ „8 Септември“, 81 пациент на Инфективната клиника и десет на Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле), а 315 се пациенти во другите градови.

Поради намалувањето на бројот на заразени, од Владата викендов најавија дека од 1 февруари во план е да се врати администрацијата на работа со полно работно време и во полн состав, односно без ротирање на вработените, откако ќе се побара и дополнително мислење од Комисијата за заштита од заразни болести.

Според одлука на Владата, а по препорака на Комисијата, државната и јавната администрација, општините и судовите, работата ја организираа во смени, на далечина (од дома) или, пак, редуцирано со систем на ротации во зависност од карактерот на работниот процес на институциите.

Од почетокот на епидемијата, бројот на дијагностицирани во земјава достигна 90 654, починати се 2785 луѓе, а оздравени 78 154. Активни случаи  има 9715, од кои 5461 се во главниот град