Македонија
12. December 2017 - 12:39

Се ограничува работата на печката за медицински отпад на Дрисла

Решение за ограничување на работата на печката за медицински отпад во Дрисла од само осум часа, меѓу 7 и 19 часот, како и целосна забрана за работата кога се надминати праговите на алармирање на загадување на Град Скопје за мерната станица Лисиче, донесе Државниот инспекторат за животна средина по вонредниот инспекциски надзор на депонијата во село Батинци, општина Студеничани, извршен на први декември годинава.

Како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање, решението е донесено врз основа на последните мерења кои покажале надминување на просечните концентрации на јаглероден моноксид, сулфур двооксид и прашина во септември и октомври од спалувањето медицински отпад.

При инспекцискиот надзор, инсинераторот не бил во работен процес, а работи секојдневно во две смени со капацитет од 250 килограми на час или три тона на ден.

- Дрисла од октомври 2013 година поседува измена на А-Дозволата за усогласување со оперативен план. Согласно дозволата, врши месечни мерења на емисијата на гасови од емитерот/оџакот на инсинераторот од страна на акредитираната лабораторија за животна средина Технолаб за што се изработени месечни Извештаи. Од добиените резултати од мерењата на емисијата на загадувачки супстанции во воздухот од печката за спалување медицински отпад, за септември-октомври е евидентирано надминување на просечните концентрации на јаглероден моноксид, сулфур двооксид и прашина, информира Министерството.

При надзорот на Инспектратот е констатирано и дека на депонијата се носат одредени количини празни канистри од компанијата Кемет електроникс од ТИРЗ-Бунарџик. Тие се уништуваат со компактирање во телото на депонијата. Во одредена полузатворена просторија во кругот на депонијата е организирано собирно место за отпадни масла, веднаш до сервисот за механизацијата на правниот субјект, се собираат во метални буриња, а потекнуваат од сервисирање на сопствената механизација. Собраното отпадно масло се предава на Аутохаус-Заковски, Скопје, компанија овластена од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање.