Македонија
28. July 2015 - 13:47

Се скратува мандатот на Комисијата за лустрација

Наместо четири, максимум две години ќе биде мандатот на Комисијата за верификација на факти, сметајќи од 1-ви септември годинава кога почнуваат да важат најновите законски измени со кои лустрацијата престанува и нови предмети нема да се процесуираат.

Ова е заклучокот од денешната седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на која беа разгледани единствените три амандмани, поднесени од пратеничката Роза Топузовска - Каревска.

Топузовска - Каревска со едниот амандман предложи три, а со другиот две години да биде мандатот на Комисијата.

- Разумен рок за постоење на Комисијата е две до три години. Не верувам во ефикасноста и ажурноста на судството, но сметам дека треба да има разумен рок за завршување на постапките, истакна пратеничката, додавајќи дека моментно има околу 30 обжалени предмети од кои 20-тина се пред првостепениот суд.

Предлогот беше оценет како логичен и прифатен од предлагачите на законот но, со дополнување по што Топузовска - Каревска ги повлече двата амандмана.

- Не би сакале да го исклучиме целосно содржинското ограничување на постапките кое зависи од Комисијата и судовите, а сепак тие треба да имаат некој временски рок. Затоа би предложил да направиме комбиниран амандман кој би го задржал досегашниот текст на членот 5 и на него би се додале зборовите „а најдоцна во рок од две години од денот на почнување на примената на овој закон“, рече Антонио Милошоски, еден од предлагачите на законот.

Третиот амндман на Топузовска - Каревска што предлагачите исто така го прифатија, предвидува одлуката на судот за постапките кои не би завршиле во предвидените две години додека трае мандатот на Комисијата за лустрација, да биде конечна.

Ова решение се дефинира со дополнитетлн член во законот според кој, „за постапките пред надлежниот суд кои ќе завршат по рокот предвиден за функционирање на Комисијата за верификација на фактите, пресудите кои ги донел судот се сметаат за конечни и правосилни“.

Милошоски рече дека амандамноит е прифатлив зашто за време на престанокот на мандатот на Комисијата, судот ќе треба мериторно да одлучува, а тоа е во согласност уставното начело за владеење на правото.

- Додека пости Комисијата, може да има судска одлука која ќе значи враќање на предметот на дополнително разгледување или одлучување. Во моментот кога нема да постои, ако таков случај се уште е во тек, тогаш Судот ќе одлучува мериторно и неговата пресуда или одлука ќе биде конечна, нагласи Милошоски.

Досега беше пракса, обжалените предмети, кога ќе заврши судската постапка, да се вратат во Комисијата и таа да допнесе конечно решение. АКо некој што Комисијата сметала дека е соработник со службите, судот констатира дека не бил, тогаш, со враќање назад во комисијаат, Комсијата го поништува старото и издава ново решение врз основа на пресудата.

Во текот на расправата и пратеникот Кенан Хасип изнесе предлог - дел од вработените во службата задолжена за лустрација да бидат преземени од Министерството за информатичко општество и администрација доколку се оцени дека нивниот ангажман веќе не е потребен, но членовите на собраниската Комисија не го прифатија со образложение дека може да внесе забуна со оглед дека не прецизира на колку вработени се однесува.