Македонија
5. November 2021 - 12:31

Се уште не се знаат причините за несреќата во Бучим

Причината за несреќата во рудникот Бучим во Радовиш се уште не е позната. Три недели после трагичниот настан  во кој две лица го загубија животот  нема нови информации за случајот. Од обвинителството само информираа дека ги чекаат резултатите од вештачењата, а понатамошниот тек на постапката ќе зависел од прибирањето и анализата на материјалните и вербалните докази.

,, Основното јавно обвинителство Радовиш ги очекува извештаите од наредените вештачења. Во меѓувреме се преземаат и други дејствија во насока на расчистување на настанот. По прибирање на материјалните и вербалните докази, нивно разгледување и анализа, јавниот обвинител ќе донесе одлука за натамошниот тек на постапката.,, стои во писмената информација од јавното обвинителство.

Несреќата во рудникот Бучим се случи на 13 минатиот месец. Според информациите кои тогаш  беа соопштени  до несреќата дошло при чистење на два силоси, високи по 25 метри , со дијаметар од 17 метри, во кој се складира руда.Загинатите алпинисти, членови на алпинистичкото друштво „Плоча“,  биле ангажирани со договор помеѓу две правни лица за специфична услуга за чистење на силосите полни со руда.