Македонија
12. December 2019 - 18:24

Семејство од Прилеп 15 години се бори да спречи рушење на својата куќа

За да не им се урне куќата дво членото семејство Димески од Прилеп веќе 15 години, буквално секој ден мораат со кофи да ја црпат водата која извира во нивниот подрум. Не знаат од каде доаѓа, но се сомневаат дека е од околната фекална канализација. Проблемот го пријавувале секаде но ниту една институција не сакала да им помогне досега.

„По ноќта станува, до ноќе до 12 часот црпам вода и пак езеро се прави. Каква е оваа вода, од каде доаѓа ? Луѓе сме ние, што сме должни да трпиме вакво нешто за нивната неодговорност“, истакна Рада Димеска, жител на Прилеп.

Рада и нејзината ќерка живеат секој ден во страв. Цела куќа се крепи на еден метален столб, а и него веќе започнала да го разјадува рѓата поради постојаната влага.

„Види каде тече водата, цела бразда има направено, вирови имаме, не е гревота ова ? Види го ѕидот до каде има влага до горе има. Се ни скапа, куќата ќе падне, погледнете нагоре целото душеме е скапано од таа вода“, додава Димеска.

Поради влагата лани им скапал и дел од тутунот.

„Овој гној кој го сака кажете, на кого му треба ваков тутун, изгоревме, бадијала маката“, истака Димеска.

Последно испратиле и претставка до Народниот правобранител дека институциите не им помагаат. Од ЈКП „Водовод и Канализација“ велат дека проблемот не е до нивната канализациона или водоводна мрежа, затоа што сите околни цевки ги испитале и од никаде не течело вода. Дури Водовод извршил и поправање на дефект на канализацијата во блиската зграда на АВРМ, што не е надлежност на ова Јавно претпријатие, само за да се отфрлат сомнежите дека може и од таму да доаѓаат фекалии.

Димески пак очајно бараат помош затоа што доколку некој не помогне и за брзо не се открие од каде доаѓа оваа вода, нивната куќа може да се урне во секој момент, а во најлош случај може и да загине некој.