Македонија
22. February 2021 - 20:19

Семејството и обезбедувањето повикани во полиција - Мијалков се бара со меѓународна потерница

Сашо Мијалков официјално со статус на бегалец. Неговиот лик осамна на официјалниот сајт на МВР, откако полицијата распиша национална, но и меѓународна потерница за поранешниот директор на УБК.

Го нема од вчера попладнето. Исчезна неколку дена пред да ја чуе пресудата во случајот Таргет – Тврдина каде што е првообвинет за нелегално прислушкување. Првична најава дека подготвува бегство надлежните имале уште во саботата вечерта.

„Првите индиции дека можеби се подготвува бегство на обвинетиот Сашо Мијалков Министерството за внатрешни работи ги сподели со обвинителството во саботата во 23 часот. Во неделата утрото по направените неопходни проверки, изготвен е предлог за определување на притвор. Во 12 часот, со цел да обезбеди услови за прием на предлогот за притвор, обвинителството го извести Основниот кривичен суд – Скопје за изготвениот предлог, како и Министерството за внатрешни работи”, споделуваат детали од Обвинителството.

Мијалков имал неколку часа да го изврши бегството. Предлогот да оди во притвор официјално стигнал до судот вчера во 15 часот. Иако судот законски имал рок од 24 часа да одлучува, со оглед дека предлогот е поднесен за време на викенд, советот се состанал веднаш, но се одлучил за мерка куќен притвор.

„Предлогот за определување на притвор е примен од судот и со Решение на обвинетиот Сашо Мијалков му е определeна мерка куќен притвор и 24 часовен видео и аудио надзор. Решението од обвинителството е примено во 18:45 часот. Во меѓувреме, до приемот на решението, јавните обвинители се известувани од надлежни лица во Министeрството за внатрешни работи дека имаат визуелен контакт со обвинетиот Мијалков и дека тој не е избеган”.

Меѓутоа реалноста не била таква. Полицијата го бара Мијалков на повеќе адреси – неговата куќа на Водно, во стан во Капиштец, во хотелот Мериот, но не успева да му го врачи решението за куќен притвор. Официјална потврда дека Мијалков не е пронајден, Обвинителството добива во 21 часот и 47 минути.

Од Обвинителството се сомневаат дека Мијалков имал помош при бегството, со оглед на тоа што постојат основи на сомнение за сторено кривично дело Помагање на сторител по извршено кривично дело, со оглед на тоа дека имале известување дека Мијалков, до моментот на поднесување на предлогот за притвор до судот, не бил во бегство.