Свет
15. April 2017 - 11:25

Северна Кореја ги предупреди САД дека е подготвена за нуклеарен напад

Северна Кореја ги предупреди САД да не преземаат „провокативни акции“ во регионот, тврдејќи дека е подготвена да возврати со нуклеарни напади.

- Подготвени сме на сеопфатна војна да одговориме со иста мерка. Подготвени сме да возвратиме на нуклеарни напади во наш сопствен стил, изјави севернокорејскиот воен претставник Чо Рјонг-хе.

Во момент кога Северна Кореја денеска ја прославува 105-годишнината од раѓањето на својот основач Ким Ил-сунг, западни официјални претставници стравуваат дека актуелниот лидер Ким Џонг-ун би можел да изврши нова нуклеарна проба.

Војската на Северна Кореја се закани вчера дека „немилосрдно ќе ги опустоши САД“ доколку одлучат да ја нападнат земјата.

Претходно, американската телевизија Ен-Би-Си њуз, повикувајќи се на американски разузнавачки извори, објави дека САД се подготвени да извршат превентивен напад со конвенционално оружје врз Северна Кореја, доколку се случи уште едно нуклеарно тестирање. Пентагон одби да ги коментира тврдењата на телевизијата.