Свет
30. November 2022 - 7:55

Шефовите на дипломатиите на земјите од НАТО: Никогаш нема да ја признаеме руската илегална анексија

Во заедничката изјава од дводневниот состанок во Букурешт, шефовите на дипломатиите на земјите-членки на НАТО предупредија дека „руската агресија, вклучително и нејзините упорни напади врз украинската цивилна и енергетска инфраструктура, лишува милиони Украинци од основните услуги“.

„Тоа влијае на снабдувањето со храна во светот и им се заканува на најранливите земји и народи во светот. Неприфатливите дејствија на Русија, вклучително и хибридни активности, енергетска уцена и безоѕирна нуклеарна реторика, го поткопуваат меѓународниот поредок заснован на правила“, се вели во заедничката изјава.

Министрите ја осудуваат „суровоста на Русија кон цивилното население во Украина и кршењето и злоупотребата на човековите права, како што се присилните депортации, тортурата и варварскиот третман на жени, деца и лица во тешки ситуации“.

„Сите одговорни за воени злосторства, вклучително и сексуално насилство поврзано со конфликти, мора да одговараат. Исто така, ги осудуваме сите, вклучително и Белорусија, кои активно ја помагаат руската агресивна војна против Украина“, се вели во Изјавата.

Шефовите на дипломатиите наведуваат дека ќе продолжат и дополнително ќе ја зајакнат политичката и практична поддршка за Украина „додека таа продолжува да го брани својот суверенитет и територијален интегритет и заедничките вредности од руската агресија“. Тие додаваат дека ќе продолжат да даваат поддршка „се додека е потребно“.

Во Изјавата се наведува и дека Финска и Шведска учествуваат на состанокот како држави поканети да се приклучат на Алијансата и се додава дека нивниот пристап ќе ги направи посигурни, НАТО посилен, а евроатлантската област побезбедна.

„Со оглед на тоа што регионите на Западен Балкан и Црното Море се од стратешко значење за Алијансата, ја поздравуваме нашата средба со министрите за надворешни работи на партнерите во НАТО, Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија, бидејќи НАТО ја зајакнува поддршката за градење на нивниот интегритет и издржливост и зачувување нивната политичка независност“, посочуваат министрите на членките на НАТО, меѓу кои и македонскиот министер Бујар Османи.

Тие наведуваат и дека НАТО е одбранбен сојуз и дека „ќе продолжи да го штити населението на своите членки и во секое време да ја брани секоја педа од територијата на сојузниците“.

„Остануваме посветени на подготовка, одвраќање и одбрана од непријателски напади врз критичната сојузничка инфраструктура. Сојузниците ќе одговорат на секој напад уникатно и решително“, се вели во заедничката изјава на министрите за надворешни работи од земјите-членки на НАТО по средбата во Букурешт.