Македонија
11. October 2021 - 11:58

Шилегов: Горди сме што секогаш сме биле на вистинската страна на историјата

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов денеска од манифестацијата во главниот град честитајаќи им го на граѓаните Денот на народното востание – 11 Октомври истакна дека по цели 80 години се сеќаваме на храброста и одлучноста на нашите партизани и дека наша должност и обврска е да го зачуваме тоа сеќавање и да потсетуваме на нивниот идеал.

– Сите ние сме одговорни, и како поединци, и како општество, да ја памтиме нивната жртва и да го негуваме нашето наследство од НОБ. Денес, благодарение на нашите партизани ние живееме во слободен град, во слободна татковина, рече Петре Шилегов на почетокот од своето обраќање.

-Да не беше 11 Октомври, продолжи тој, ќе го немавме ниту 2 Август ’44, а можеби ниту 8 Септември ’91.

-Тој ден означи Македонија да не биде квинслишка територија, туку напротив, жестоко упориште против фашистичкиот окупатор. Но, треба да се потсетиме дека и пред 11 Октомври, нашите партизани преземале одредени акции: на 22 август, таа 1941 година е формиран Првиот скопски партизански одред, на 8 септември Лазо Колевски убива бугарски стражар кај Богомилскиот тунел. Истиот ден, тука, во Скопје Боро Петрушевски – Папучар убива бугарски окупаторски војник. На 7 октомври во Скопје е извршен обид за убиство на агентот Мане Мачков, во кој загинува Благоја Деспотовски – Шовељ, а на 8 октомври Трајко Бошкоски – Тарцан, пробивајќи се низ непријателскиот обрач во Прилеп, убива еден непријателски полицаец. Сите овие настани се предвесници на големиот 11-ти Октомври, додаде Шилегов.

Тој додаде дека со мудроста на македонското водство, единството на нашите народи и силата на нашето оружје е победен фашизмот.

-За нашата слобода се изборивме сами, сами ги изградивме Скопје и Македонија како суверена држава на единствени и горди народи, и никому, ама баш никогаш нема да дозволиме да ја чепне нашата држава, нашата тешко стекната, со крвта на нашите антифашисти платена слобода, нагласи Шилегов.

Тој додаде дека заедништвото на нашите луѓе, скопјани, Македонци, Албанци денеска ни е попотребно од кога и да било, претходно.

-Скопје е град на заедништвото, кој само заради слогата со која живееме, денес се претвора во модерна европска престолнина. И тоа е нашата најголема сила, баш како во времињата кога знаевме да се спротивставиме на окупацијата и фашистичкото зло, денеска се бориме за силно Скопје на горди луѓе, денес се бориме за европско Скопје, се бориме за силна Македонија на нејзините горди граѓани, порача Шилегов.

Додаде дека нашето наследство од НОБ го чуваме со посебно внимание, наведувајќи дека се отворени музеи и изложби, се уредуваат простори околу заборавените спомен обележја во градот. Тој оцени дека соработката со Сојузот на борците никогаш не била поцврста и подлабока.

-Нашиот долг, долгот на нашата и идните генерации кон Ослободителите е толку голем што ниту една форма на благодарност не може и не смее да биде доволна додека постои Скопје, додаде Шилегов.

Градоначалникот на Скопје рече дека патот космополитизмот, солидарноста и прогресот е патот по кој заедно чекориме.

-За Скопје работиме со многу љубов. Одговорно и посветено. Работиме на тоа да можеме еден ден со гордост да кажеме дека Скопје е град – модел за развој во регионот. Скопје тоа го може и го заслужува. Тоа им го должиме и на борците, на нашите ослободители. Скопје мора да биде европска престолнина, главен град на земја- дел од европското семејство, каде сите знаеме да го осудиме минатото, меѓутоа и да се бориме за иднината. Иднината во која нашите деца ќе се сакаат и нема да се мразат. Во изминатите четири години покажавме дека знаеме и можеме да се сакаме, да го претвориме Скопје во модел каде луѓето знаат да живеат заедно, гледајќи на културните разлики како богатство, а не како хендикеп, истакна Шилегов.

Се оврна и на регионалната соработка, нагласуваќи дека најубавото нешто во Европа е Балканот, растоварен од стереотипи, од минато, од поделби.

-Длабоко верувам дека тоа е возможно. Скопје докажа дека е возможно. Нашата пријателски подадена рака секому, и дома и надвор, нека биде предизвик за сите, да ја промовираме заедно взаемната почит, љубовта, пријателството и хуманоста. Затоа јас, моите сограѓани од Скопје и целиот македонски народ немаме од што да се срамиме и немаме зошто да ја ревидираме нашата историја. Горди сме што секогаш сме биле на вистинската страна, на страната на слободата и правдата. Затоа ние со гордост можеме пријателски да подадеме рака секому и во секое време. Како човек принципиелно отсекогаш сум бил против фашизмот и дома и надвор. Тоа што денес живееме слободно не обврзува на антифашистичката определба. Затоа наместо поделби и омраза имаме обврска да ги промовираме заедно принципите на слободата, правдољубивоста и човечноста. Да се почитуваме меѓусебно секој од нас со другиот, со соседите дома, со соседите на Балканот. Тоа им го должиме на борците, на партизаните, на ослободителите, повика Шилегов.

Градоначалникот на Скопје рече дека 11 Октомври нè обврзува на почит и верност кон нашата земја, но и да не заборавиме колку е скапа слободата.