Македонија
22. October 2021 - 19:39

Шилегов ветува урбанизација, Арсовска со проекти за Чаир

Изградбата на мостови и улици кои поврзуваат и обединуваат не смее да запре, вели кандидатот за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов. Според него, токму таков, бил булеварот, Киро Глигоров, кој во моментов целосно се реконструира. Очекува од утре да се намали сообраќајниот хаос, бидејќи веќе започнало асфалтирањето на сообраќајницата. Според Шилегов, само проекти за урбанизација може Скопје да го направат европска метропола.

„За оваа реконструкција на улицата, од буџетот на Градот Скопје се издвоени 110 милиони денари, а изведбата е предвидена за девет месеци, но како што гледате, многу сме побрзи од тоа. Да дадеме поддршка на младите, тука да градат семејства и тука да вложуваме во здрава животна средина, во здрава иднина на нашите деца, во чистиот воздух и модерната инфраструктура. Вашата сила е вашиот глас. Излезете да се изборите и да изберете едно силно Скопје, кое расте, гради, набргу да стане европска метропола“, вели Петре Шилегов, Кандидат за Градоначалник на Скопје од СДСМ.

Противкандидатот Арсовска која во вториот круг влезе со водство пред Шилегов, ветува нов лик за Чаир. Вели и по четири години останале нереализирани ветените проекти за монтажни паркинзи, новото сообраќајно решение кај Јаја Паша и Мавровка. Затоа, вели Арсовска, вистински ќе изградиме катни гаражи кај Чаирчанка, амбуланта во Топанско поле, проширување на улицата Цветан Димов.

„Овие бетонски прегради не се добро решение за градот, но сепак се користат иако треба да има целосно сообраќајно решение во овој дел на градот. Овие прегради се наместо изведување на една лента плус, што стои како неисполнето ветување. За разлика од полвичните решенија, Јас ќе успеам да го реализирам проектот. Овде мора да постои уште една лента. Како дополнение, е и надвозникот од мостот Битпазар до Христијан Тодоровски-Карпош и со тоа скопјани ќе добијат брзо сообраќајно решение кое ќе ги поврзува Чаир, Бутел и Центар. Скопје ќе биде модерен град, но за сите скопјани, тоа е мојата визија за Скопје. Треба да биде град на соживот и град на солидарноста“, изјави Данела Арсовска, независен кандидат за градоначалник на Скопје, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ.

До вториот изборен круг, Арсовска и Шилегов имаат уште една недела да ги презентираат своите планови за Скопје во наредните четири години.