Македонија
12. May 2021 - 11:31

Шпанија ја потврди поддршката за приклучување на Македонија кон ЕУ

 Шпанија целосно го поддржува процесот на интеграција на Македонија во Европската Унија, е пораката која беше испратена денеска на средбата на шпанската министерка за надворешни работи, ЕУ и соработка Аранча Гонзалес Лаја со вицепремиерот задолжен за европски прашања на Република Македонија, Никола Димитров.

Во соопштението на шпанското МНР се нагласува дека средбата е уште една потврда за добрите односи меѓу двете земји, а на неа била потврдена целосната поддршка на Мадрид на процесот на интеграција на земјава во ЕУ, но станало збор и за можностите за унапредување на билатералните односи.

Гонзалез Лаја му ја понудила на Димитров поддршката и искуството на Шпанија во движењето напред во процесот, во области како што се судски прашања и владеење на правото, зелената агенда и дигиталната агенда.

Шпанската шефица на дипломатијата изразила желба за што е можно побрзо усвојување на преговарачката рамка со ЕУ, како со Република Македонија, така и со Албанија, заедно со почетокот на преговорите за приклучување.

Димитров го придружува премиерот Зоран Заев при посетата на Шпанија, во рамките на која се предвидени средби со претседателот на шпанската Влада, претседателот на Горниот дом на Парламентот и претседателот на шпанската Конфедерација за бизнис организации.