Македонија
24. February 2021 - 12:27

Штип: Се бараат 129 попишувачи за Штип и Карбинци

Објавен конкурсот за попишувачи и реонски инструктори за претстојниот попис на населението, кој ќе трае до 28 февруари. Во пописниот реон 16 за општините Штип и Карбинци ќе бидат ангажирани 129 реонски попишувачи, од кои 112 Македонци, 6 Турци, по пет Роми и Власи и еден Србин. Вкупно ќе има 13 реонски инструктори, но за нив нема структура по национална припадност.

- Кандидатите кои сакаат да се пријават на конкурсот, треба да ги исполнуваат следните општи услови,  да се државјани на РС Македонија, да се полнолетни, да имаат завршено најмалку средно образование и да немаат засновано работен однос. Значи се работи за невработени лица, изјави Соња Китанова, секретар на Општина Штип и претседател на пописен реон. 

 Пријавувањето на кандидатите ќе биде задолжително преку пополнување и праќање на електронска пријава, објавена на веб страницата на Државниот завод за статистика. Изборот ќе се врши по пат на тестирање во канцелариите на пописниот реон.

- Потребните документи за пријавување се доставуват во хартиена форма, по пошта до Државниот завод за статистика или се донесуваат лично на денот на закажаното тестирање, додаде Китанова.

Паричниот надомест за секој попишувач е збир од паушален износ од 4000 денари, за секој попишан граѓанин 30 денари, за стан 20 денари и за домаќинство 50 денари. Реонскиот инструктор и резервниот попишувач ќе имаат паушали од по 5000 денари.