Македонија
11. February 2021 - 12:30

Штип стартува проект за правилно управување со отпад

Решавањето на едно од најгорливите прашања, правилното управувањето со отпадот ги обедини на едно место, општинарите, комуналците и универзитетските професори и експерти од лабораторијата „АМБИКОМ“ при штипскиот Универзитетот „Гоце Делчев“. Целта е преку поинаков, поекономичен, поефикасен и поквалитетен пристап, веќе имплементиран во западните земји, да се дојде до резултати. Очекуваат и поддршка од граѓаните при реализација на идеите.

-Првиот чекор ќе биде изработка на соодветен план за управување со отпад. Ние како стручна група и локалната власт ќе го направиме и ќе ги разгледаме сите аспекти на неговата имплементација, од превенција, до собирање, транспорт, мониторинг на резултатите од тоа - изјави проф. др. Дејан Мираковски, УГД- Штип, меѓународен експерт за животна средина.

Менаџирањето со отпадот не е евтино, затоа и се вклучени повеќе локални институции и регулаторот кој ја диктира цената. Сепак, постои начин преку рециклирање да се извлече додадена вредност, а при тоа и да се зачува животната средина.

-Ова е прв чекор во процесот којшто следува во идниот период, за да можеме на нашите граѓани да им обезбедиме соодветно селектирање и собирање на комуналниот отпад и на тој начин да обезбедиме чиста животна средина, од една страна, а од друга страна да ги намалиме комуналните трошоци за ѓубрарина на нашите сограѓани, изјави Сашко Николов, градоначалник на Штип.

Во правец на подобрување на состојбата во секторот, во план е изградба на регионална санитарна депонија според ЕУ стандардите кај с. Мечкуевци во Овче Поле, каде ќе се одлага отпадот од источниот и северо-источниот регион.