Македонија
8. April 2021 - 21:20

Што предвидува ДУП-от за Железара - ќе се гради ли тешка и загадувачка индустрија?

Се отвора ли Железара за нова загадувачка индустрија? За оваа скопска населба се изработени дури три детални урбанистички планови, со кои е предвидено во една од најпогодените еколошки области во градот, да никнат нови индустриски капацитети.

Во ДУП-овите исцртан е простор за тешка и лесна загадувачка индустрија со сета пропратна инфраструктура. Би се простирале на површина од над 550 илјади квадратни метри на речиси 40 градежни парцели.

Еколозите се веќе на нозе и предупредуваат дека дополнувањето на нови фабрички капацитети во и така најзагадениот скопски реон е погрешно од повеќе причини.

Првичната јавна презентација на ДУП-овите во општина Гази Баба не го дочека крајот. На видеото објавено од Радио МОФ се гледа како активистите жестоко се спротивставуваат на новите планови.

Загадувањето не е единствениот проблем кој се коси со квалитетното живеење во Железара. Новата индустрија ќе ја користи питката вода за Скопје, ресурс кој се повеќе ќе недостасува во главниот град.

Од Гази Баба не добивме одговор што предвидуваат новите планови за општината, но реакција има од Град Скопје. Градоначалникот Шилегов уверува дека нема да дозволи тешка индустрија и дека плановите ќе бидат отфрлени.

Токму на денешната седница во Град Скопје, советниците ја почнаа расправата за носење на еколошки акционен план за наредните пет години, во кој како главните точки се наведени заштитата од загадување и активностите за подобрување на квалитетот на воздухот.