Македонија
23. May 2020 - 16:46

Што утврди увидот во храмот на поп Боро од Струмица?

Свештеникот кој од струмичката епархија  доби забрана за свештенодејство ниту бил под притисок ниту пак прогонуван. Викарниот епископ Стобиски господин Јаков ги отфрли ваквите тврдења. Тој  денеска на прес-конференција соопшти дека свештеникот Боро Милчев, почнал да зборува за притисоци откако била направена редовна ревизија во храмот каде тој беше назначен за старешина и со која откриле низа неправилности во работењето.

,,После приближно дваесет години служба на овој свештеник во истиот храм, ние во црковната каса во една од нај посетените цркви во Струмица најдовме само 106 денари и пиштол. Пиштол во црковна каса, прашувам што ќе му е пиштол на свештено лице , а уште тоа да го држи во црковниот храм. Пиштолот си го зема заради тоа што имаше дозвола за него, нам ни останаа само 106 те денари и речиси празните каси'',  вели г.Јаков Викарен епископ Стобиски.

Според владиката Јаков не биле точни ниту изјавите дека свештеникот имал притисок во житијата што тој ги подготвувал македонските светители да ги пишува како словенски.

,,Житијата, можете да проверите, се издадени , сите од јануари до октомври токму од Струмичката православна епархија  со благослов на митрополитот струмички господин Наум, освен последните две за Ноември и за декември. Тоа е после ревизијата за која што ви зборувам кога всушност откривме дека авторските права не припаѓаат на Струмичката епархија, туку на лицето Боро Милчев и на печатницата Европа 92 за што испративме допис до печатницата понатаму, во следните изданија да не го користат името на Струмичка Православна епархија'', вели г. Јаков.

Пробавме да стапиме во контакт и со свештеникот Боро Милчев , но денеска тој не одговори на телефонските повици. Пред два дена  во телефонски разговор за Сител ги отфрли сите обвинувања наведени во соопштението. Тогаш тој рече дека поради одредени несогласувања веќе подолго време трпи притисоци и закани. Како една од причините го наведе  издавањето на житијата на светиите на македонски јазик што тој ги подготвуваше во изминатите години.