Македонија
15. March 2018 - 14:39

Што всушност не чека по законот за двојазичност: Македонскиот не мора да го знае секој службеник, но Албанскиот - МОРА

Законот за употреба на јазиците, кој вчера беше изгласан во Собранието со 64 гласа „за", предвидува низа промена во државата кои ќе имаат и финансиски реперкусии, како што е формирањето на посебна Агенција и Инспекторат, задолжени да ја надгледуваат примената на законските одредби.

Законот стапува на сила веднаш по објавувањето во Службен весник. Од тогаш па натаму сите закони други акти донесени од Собранието ќе бидат објавувани на македонски и на албански јазик. Исто важи и за одлуките кои ќе ги носи Владата.

Дваесет и пет членови од законот ја регулираат употребата на јазиците. Покрај македонскиот, и албанскиот јазик станува службен јазик на целата територија. Двојазичноста ќе се применува во сите државни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии и правни лица што вршат јавни овластувања.

Албанскиот јазик ќе се применува во Собранието, Владата, Уставниот суд, народниот правобранител, во изборниот процес, образованието, здраството, културата, радиодифузната дејност, матичната евиденција, личните документи, финансиите, економијата.

Македонскиот и албанскиот јазик ќе се применуваат во судските, извршните, предистражни и истражни постапки, кривични и прекршочни, парнични и вонпарнични како и во другите постапки пред судовите и јавните обвинителства.

Доколку органите не ги почитуваат одредбите од законот ќе се соочат со глоба во износ од 4000 до 5000 евра, а службеното лице ќе плати 30% од одмерената казна.

Двојазичност ќе има и на униформите на државните службеници во Скопје и во другите градови каде Албанците се присутни со над 20 отсто од населението.

„Униформите на полицијата, пожарникарството, здравството, во Скопје и во единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик ќе бидат напишани на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо", стои во член 8 од Законот.

Книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

На граничните премини на Република Македонија и аеродромите што се наоѓаат на подрачјата каде што најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, називите на институциите, другите натписи и патокази се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Сите органи на државната власт ќе имаат двојазични веб страни. Освен на македонски јазик, содржината на веб страните кои ги модерираат централните институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, ќе биде објавувана и на албански јазик.

Законот предвидува основање на Агенција за примена на јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните. Агенцијата ќе биде финансирана од државниот буџет и за нејзина работа ќе бидат одвојувани по 1,7 милиони евра годишно. Во Агенцијата покрај овластени судски преведувачи ќе се вработат и лингвисти и дипломирани филолози по албански јазик, како и лиценцирани лектори. Освен тоа се предвидува и формирање на Инспекторат за употреба на јазиците во рамки на Министерството за правда, а ќе се регулира со посебен закон.

Законот ќе предизвика финансиски импликации и ќе го чини буџетот 106 милиони денари. Ќе се основа Агенција за примена на албанскиот јазик која ќе треба да се грижи за промоција и заштита на јазикот, а надзорот околу спроведувањето на законот ќе го врши Инспекторат за употреба на јазиците.

Симптоматично е дека законот за двојазичноста предвидува високи казни (5.000 евра) доколку јавна и државна институција не употребува албански јазик во јавниот или правен промет но, нема таква казна ако службениците во јавниот и државен сектор не употребуваат - македонски јазик. Со ова обврзувачки службен јазик, со казнена закана, во јавниот и државен сектор е само албанскиот, а според казнената политика македонскиот е само факултативен.