Бизнис
7. August 2020 - 16:54

Синдикатите со барање: Поефтина струја или повисоки пензии и плати

Или поништување на одлуката или зголемување на платите. ССМ со дециден став во однос на поскапата струја. Сметаат дека одлуката на регулаторите е избрзната и бараат да биде повлечена. Нивните пресметки покажуваат дека од стартот на кризата, минималната плата се зглемила незначителни 2,99%, а просечната плата се намалила за 4,18%. Во исто време трошоците растат. Поскапата струја уште потешко ќе падне на грбот на работниците, пензионерите, невработените, односно граѓаните, соопшти ССМ.

„Доколку избрзаното покачување на цената на електричната енергија не биде повлечено, потребно е зголемување на сите плати и пензиите, во висина на зголемените трошоци за живот или скалесто за најмалку 7,4%, и тоа само за да се подмири просечната потрошувачка на електрична енергија која едно домаќинство би го чинело дополнителен издаток од платата, пензијата или другите примања“, констатира најголемиот синдикат во земјава.

Целта на ССМ со барањето за зголемување на платите е да се оневозможи граѓаните кои нема да можат да си ги платат сметките за струја да станат мета на извршителите. Своите предлози синдикатот ќе ги достави до Социо економскиот совет во кој членуваат и владини претставници и работодавачите.

Пресметките на стручните служби на ССМ покажуваат дека потрошувачката кошничка за четиричлено семејство во периодот на кризата се зголемила за околу 600 денари. Во февруари таа изнесувала 32.900 денари, во јуни близу 33.500 денари. Третина од овие пари или 10.500 денари, семејствата ги трошат за сметки за домување.