Свет
15. October 2015 - 13:06

Сириската армија започна копнена офанзива во Хомс

Силите лојални на сирискиот режим започнаа денеска офанзива во централната провинција Хомс, со поддршка на руските воздушни сили во кои загинаа најмалку 10 лица, јавуваат сириските државни медиуми и групи за набљудување.

Сириската телевизија, повикувајќи се на воени извори, соопшти дека војската започнала операција во северниот и северозападниот дел на провинцијата Хомс со цел повторно воспоставување безбедност и стабилност во селата и градовите на тоа подрачје.

Војската презема контрола над селото Ал-Дар Ал-Кабра, северно од Хомс, јави сириската телевизија.

Сириската опсерваторија за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон, соопшти дека руски авиони извршиле најмалку 15 воздушни напади во области со борби во кои загинале најмалку 10 лица, од кои шест бунтовници.

Според воени извори операцијата во Хомс е стратешки поврзана со операциите на режимот во соседната провинција Хама во изминатите неколку дена.

Русија започна воздушна кампања во Сирија на 30 септември за борба против групата „Исламска држава“ и други терористи.