Фудбал
28. May 2020 - 16:44

Системот на натпревари може да го смени само собранието на ФФМ, а не Управниот одбор

Федерацијата веќе најави дека првенството ќе продолжи со плејоф систем кој треба на фаворитот на претседателот на ФФМ да му овозможи доволно натпревари за да избие на местата кои гарантираат настап во Европа а со тоа и значителна сума на пари од УЕФА.  Дека ФФМ е длабоко во офсајд говори и фактот што ќе се игра и плејаут систем во кој тимовите ќе се натпреваруваат, но од лигата нема да испадне никој што за познавачите на состојбите во мак фудбалот е доволна причина за сомнеж дека овие натпревари ќе се играат само за кладилници. Тоа дополнително ќе ја разниша довербата на Федерацијата која во последните неколку години и онака е на стаклени нозе и ќе го врати на сцена сомнежот за дека во Македонија се играат само наместени натпревари. 

Она што е нејасно е во чии џебови ќе завршат парите од обложувањето на овие натпревари кои нема да имаат никакво натпреварувачко значење. Она што се знае е дека за да се задоволат интересите на мала група луѓе, ќе страдаат фудбалерите кои практично без никаква подготовка ќе треба да играат по два натпревари неделно на температури кои може да достигнат и 40 степени.

Дека во федерацијата владее невиден хаос говори и податокот што денеска до клубовите пристигнал допис со кој им се дозволува веднаш да почнат со групни тренинзи. ФФМ во дописот се повикува на извесен План на мерки и процедури иако веќе во следната реченица наведува дека овој план дополнително ќе биде донесен. Останува нејасно, како може тренинзите да почнат денеска врз основа на планот кој што ќе биде донесен идната недела, особено ако се знае дека цел бизнис во Македонија трпи последици и чека официјализација на серија вакви планови на мерки и процедури.

Синдикатот на фудбалерите веќе реагираше на оваа одлука на ФФМ коментирајќи дека македонскиот фудбал нема капацитет за ваков систем на натпревари.