Македонија
21. November 2020 - 16:37

Сител на терен: Како изгледа првиот ден во кризна состојба?

Прв ден од прогласување кризна состојба на терен ја нема ниту полицијата ниту војската. Клиниките каде се сместени пациенти заразени со вирусот се без обезбедување. Во кругот на државната болница се движеа само возила на брзата помош и погребални претпријатија. Шаторите кои се поставени пред клиниките наменети како чекални беа празни.

Речиси идентична е сликата и пред градската општа болница. Едно санитетско возило на АРМ е единственото што го видовме пред 8ми Септември. Униформирани припадници на војската немаше ниту овде, а не забележавме ниту полиција.

Од АРМ велат дека чекаат наредба од претседателот и засега нема информација колку војници ќе бидат распоредени. Од кабинетот на Претседателот за Сител велат:

- Се чека информација од Управувачкиот комитет по што ќе одлучува Владата и како официјален документ ќе пристигне на потпис кај претседателот. Засега ја немаме добиено, но не е исклучено таа да биде доставена и до крајот на денот. 

- Ангажманот на војската ќе биде дополнителна помош на полицијата за тековно да се спроведуваат болничките активности, напиша претседателот Пендаровски на социјалните мрежи.

- Армијата сега со оваа кризна состојба ќе и помага на полицијата во обезбедување на стратешките објекти, во обезбедување на болниците, во обезбедување на магацини со лекови и со друга заштитна медицинска опрема. Нема да бидат на сообраќајните пунктови што по дефиниција бара многу луѓе. Ако содржината на оваа кризна состојба сега биде како кризната состојба во Дебар и Центар Жупа во март и април годинава, ние повторно немаме ресурси. 

Како ќе функционира Собранието за време на кризната состојба, спикерот Џафери не одговори.

Од МВР велат дека полицијата од почетокот на пандемијата е активно вклучена, но дополнителни обврски за сега нема, чекаат насоки од Кризниот штаб.