Бизнис
3. November 2016 - 14:19

СКСЗМ: Можности за развој на бизнисот со европските програми и иницијативи

Стопанската комора на северо-западна Македонија (СКСЗМ) и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност денеска организираа работилница на која ги претставија програмите „Еразмус плус 2014-2020“ и европските иницијативи „Еуропас“ , „Евридика“, „еТвининг“, „Еурогајденс“, „Еуродеск“ и „ЕКВЕТ“, со можностите кои се нудат за развој на бизнис заедницата.

Според соопштението од Комората, претставниците на Агенцијата истакнале дека создавањето нови можности за образование и стекнување знаења и вештини за бизнисите ќе остане нивен приоритет и оти програмата е одлична можност за придонес кон развој на бизнис заедницата.

- Овие програми ќе овозможат зголемување на нивото на образование, искуството и вештините меѓу компаниите, што во исто време ќе резултира со поголема конкуренција во управувањето со човечките ресурси. Ова значи поголем потенцијал и добра основа за развој на земјата, која е нашата главна цел, се вели во соопштението. 

Со имплементација на програмата „Еразмус плус“ во Република Македонија се обезбедува голема поддршка за образованието, обуката, младите и спортот. „Еразмус плус“, посочуваат од Комората, придонесува за надградба на институционалните капацитети, како и личен и професионален развој на сите чинители во полето на бизнисот.