Македонија
15. January 2022 - 16:35

Со 750.000 евра од ЕУ Струмица ќе гради 13 километри велосипедски патеки

Со поддршка на Европската Унија Струмица ќе стане паметен вело град. За таа цел општината на располагање има 750 000 евра, средства наменети за изградба на велосипедски патеки во должина од околу 13 километри. Според најавите, проектот „Strumica -Smart velo city” содржи иновативно и ефективно решение за проблемите на урбаната мобилност со поттикнување на употребата на велосипедот како здрав, еколошки и економичен начин на мобилност.

Проектот е планирано да се реализира во текот на следните три години. Очекувањата се дека неговата реализација ќе значи многу и во решавањето на проблемот со загадениот воздух.

Како дел од проектот „Струмица паметен вело град“ планирана е набавка и на 150 смарт велосипеди наменети за користење од страна на граѓаните. Во реализацијата на проектот општината планира да вклучи повеќе граѓански организации и велосипедски клубови.