Македонија
23. January 2017 - 20:18

Со почетокот на второто полугодие за учениците, епидемиолозите очекуваат зголемување на бројот на заболени од грип

Бесплатни вакцини против сезонски грип за постари од 60 години кои не се корисници на пензија. Оваа мерка која ја најави министерот за здравство ќе почне да функционира од наредната сезона. Целта е да биде заштитена ранливата популација која овој период поради компликации од инфекцијата ги полни болниците. Заразените имаат потешка клиничка слика а заболуваат и вакцинирани поради мутација на вирусот. Два смртни случаи и околу 30 000 заболени е досегашниот епилог на грипот во земјата. Последната недела бројот на болни е во опаѓање, но епидемиолозите пикот го очекуваат во февруари.

Денеска по три недели распуст, учениците се вратија на настава. Надлежните во училиштата беа задолжени да направат целосна дезинфекција на просториите по препорака на Комисијата за заразни болести. Колективните собирања според лекарите се најпогодни за ширење на грипот.

Во болниците има рестрикции на посетите како превентивна мерка за заштита од грипот. Според податоците од Светската здравствена организација, во голем број земји има зголемување на бројот на хоспитализирани лица а дел се соочуваат со епидемии од грип.