Македонија
26. May 2017 - 16:29

Собранието подготвено за седница за избор на нова влада, се чека на епилог од разговорите со БЕСА

БЕСА е се подалеку од новата Влада. Преговорите со СДСМ се во статус кво, велат од партијата на Касами за Сител. Од таму додаваат дека се уште немаат добиено никаков одговор од Заев по вчерашното барање, СДСМ писмено да се обврзе дека ќе ги прифати принципите на БЕСА. Од БЕСА бараат редефинирање на Македонија, целосна имплементација на платформата со прецизно наведени рокови и новата Влада да нема лица кои биле дел од истрагите на СЈО. Од БЕСА велат дека без прифаќање на овие услови нема да бидат дел од новата Влада.
И лидерот на СДМС вчера од Брисел потврди дека за разлика од останатите политички партии, преговорите со БЕСА одат потешко.

Заев најави дека до крајот на неделата предлогот за составот на новата влада заедно со нејзината програма ќе се најдат пред пратениците. Дел од медиумите објавија дека тоа може да се случи во текот на денешниот ден. Од Собранието велат дека се подготвени за тоа. Од кабинетот на Џафери велат дека 3 дена по добиањето на предлогот, ќе го стават на гласање пред пратениците. Дел од медиумите блиски до СДСМ оставаат можност предлогот пратениците да го добијат и на стартот на идната недела бидејќи на Бихаќка во моментов се окупирани со организација на партискиот Конгрес кој ќе се одржи утре.
Заев има рок да го достави предлогот за нова Влада до Собранието најдоцна до 6 јуни.