Македонија
25. July 2022 - 14:42

Собранието расправа за Предлог-одлуката за испраќање припадник на АРМ во мисијата „Алтеа“

Пред пратениците денеска е Предлог-одлуката за испраќање на припадник на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина, во рамки на 71-вата седница.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки рече дека нивната пратеничка група ќе ја поддржи одлуката, но забележа дека се доцни со испраќањето на припадник на Армијата во мисијата АЛТЕА, а со тоа, како што рече, се нанесува штета на имиџот на државата, бидејќи нешто што е договорено треба и да се испочитува.

– Не сакам да го критикувам Министерството за одбрана, кое навреме го достави предлогот за испраќање на припадник во АЛТЕА. Меѓутоа, владејачкото мнозинство не успеа во изминатиот период да ја донесе одлуката, потенцира Ковачки.

Тој потсети дека, при утврдување на дневниот ред на 71. седница, пратеничката Ане Лашкоска побарала точката за испраќање на припадник во мисијата АЛТЕА да биде ставена прва за да не доцни со упатувањето на војникот.

– Рокот за испраќање на припадникот на Армијата беше јуни, а сега е јули, рече Ковачки.

Тој го обвини мнозинството дека мината недела не успеало да го донесе и Законот за служба во Армијата, кој опозицијата го поддржува, а со кој се решава статусот на армиските припадници и оти поради негово недонесување, лица чекаат по 20 месеци да заминат во пензија.

Пратеникот од СДСМ Миле Талески, како претседател на Комисијата за одбрана, во одговорот до Ковачки посочи дека Предлог одлуките за испраќање на војници биле усвоени на Комисијата за одбрана, но дека работата била закочена во Законодавно-правната комисија.

– Комисијата за одбрана ги усвои предлог одлуките за испраќање на војници, но вие ја блокиравте Законодавно-правната комисија на која требаше да поминат одлуките, рече Талевски.

Во врска со Законот за служба во Армијата, Талески рече дека за негово недонесување виновна е опозицијата која го блокирала со поднесување на 2000 амандмани.

– Една година припадниците на Армијата не ги добиваат бенефитите од овој Закон кој ВМРО-ДПМНЕ со 2.000 амандмани го блокираше со една цел – да ве заштити вас лично односно во делот каде пишува дека припадници на Армијата не смеат да бидат членови на политички партии, односно да бидат на високи позиции во Армијата, рече Талески.

По барање на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Собранието даде еден час пауза.