Бизнис
15. September 2016 - 8:37

Соработка на домашни и странски фирми од металопреработувачката индустрија

Конференција за вмрежување на компаниите од македонската лесна метало-преработувачка индустрија со странски купувачи „Macedonia Manufacturing Expo“ ќе се одржи денеска во Скопје.

Најавено е присуство на 48 компании добавувачи од Македонија и 18 компании, од кои 16 странски, во својство на купувачи. Меѓу потенцијалните купувачи се и меѓународните компании „Сименс“, „Ван Хул“ и „Скаутби“. Компаниите учесници произведуваат разновидни индустриски производи: алати, хидраулика, електроника, калапи и метални конструкции.

Покрај директните деловни средби меѓу домашни и странски компании, на конференцијата ќе се зборува за трендовите и новите технологии во индустријата. Крајната цел на Macedonia Manufacturing Expo е македонските компании да станат дел од глобалниот снабдувачки ланец на реномираните странски компании, но и да ги зајакнат врските со домашните компании од лесната индустрија.

Конференција е организирана од Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, кофинансиран од Владата на Швајцарија, Асоцијација на метална и електро индустрија (МАМЕИ) и Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на РМ (АСИПИРМ). Организацијата е поддржана од Германската стопанска комора во РМ (AHK), Американската стопанска комора во РМ (AmCham), Амбасадата на Холандија во РМ и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ).