Македонија
8. February 2023 - 20:57

Спасовски: Граничната полиција со зголемена откривачка активност при спречување на обидите за илегални преминувања

Спасовски на терен заедно со полицијата: граничната полиција со зголемена откривачка активност од 31,2% при спречување на обидите за илегални преминувања

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски и шефот на кабинет Митко Бојмацалиев,  вечерва во Демир Капија оствари работна средба со полициските службеници од пунктот за борба со илегалната миграција и криумчарење мигранти во кој работат и делуваат полициски службеници од повеќе од организациски единици во склоп на оперативната акција „Рефлекс“. „ Со денешнава посета ја почнуваме серијата средби со полициските службеници на терен, каде што на лице место во работна атмосфера, директно на терен ќе имаме можност да посведочиме како се остваруваат задачите и плановите со цел да утврдиме што им е неопходно од  опрема, процеси и организација за поефикасно извршување на работните задачи, поефикасна борба со сите видови криминал, борба со корупцијата а со тоа  гарантирање на безбедноста на сите граѓани.“, потенцираше министерот Спасовски.

Спасовски  рече дека од голема важност е потпишувањето на Статус договорот со  Фронтекс и распоредувањето на нивни полициски службеници на границите на нашата држава, и дека во текот на 2023 година, продолжува спроведувањето на заеднички мешовити патроли со странските полициски службеници од осум земји во рамки на активноста на ИОМ од 2015 година. Илегалната миграција е актуелна тема што во голема мера влијае врз безбедносната состојба на државата, еден од стратешките приоритети на министерството за кој во континуитет се преземаат мерки  во делот на справување со истата. „ За 2022 година, граничната полиција имаше зголемена откривачка активност од 31,2% при спречување на обидите за илегални преминувања. На границите со соседните земји спречени се 27.391 обиди за илегални преминувања. Јужната граница сеуште е клучна точка за влез на мигрантите и нивно натамошно движење, што се огледа и во бројот на спречени обиди на границата со Република Грција- 24.965, каде е забележано зголемување на обидите за 35,5%.“, презентираше дел од резултатите во борбата со миграцијата министерот Спасовски.

Спасовски истакна дека со зголеменото присуство на илегални мигранти на нашите граници, зајакната е и оперативната активност на полицијата на стратешко и регионално ниво што  бележи откриени 107 случаи во 2022 година, што  претставува зголемување за 68.2%, а бројот на спречени мигранти за речиси 80%. Најголем број од случаите 73% се откриени од страна на полициски службеници од Регионалниот центар „Југ“ чија ефикасност во делувањето се должи на заедничкото делување на мешани патроли со странските полициски службеници од осум земји кои вршат засилен надзор на јужниот дел од државната граница.

Спасовски потенцираше дека функционирањето на безбедносниот систем е основа за функционирање на правната држава и изрази уверување дека ваквите активности на терен директно ќе влијаат врз унапредување на ефикасноста на сите организациски единици на полицијата со цел остварување на уште подобри резултати во обезбедување на мирот и безбедноста на граѓаните на државата.