Македонија
17. October 2021 - 20:39

Спасовски: Имавме изборен ден со незначителен број неправилности и без сериозно нарушување на јавниот ред и мир

Можам со задоволство да констатирам дека имавме изборен ден со незначителен број на неправилности, без сериозно нарушување на јавниот ред и мир. До 19:00 часот се бележи вкупно намалување на бројот на пријавени настани и тоа за 40 проценти во споредба со изборите во јули 2020 година. Така годинава се пријавени 91 настан за разлика од претходните избори, кога беа пријавени 151 настан, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на прес-конференција по затворањето на гласачките места.

Спасовски потенцираше дека од досега пријавените случаи, МВР нема регистрирано посеризно нарушувања на изборниот процес и на јавниот ред и мир во текот на гласањето.

Тој наведе дека денешниот изборен ден минал во мирна и фер атмосфера, посочувајќи дека искористувајќи го слободно и непречено своето загарантирано право на глас, граѓаните уште една ја демонстрираа својата зрелост и одговорност да одлучуваат за иднината на својата земја.

–  Во текот на денешниот ден досега беа пријавени 42 случаи на агитирање, како најчеста појава овој изборен ден, од кои седум се отфрлени како неосновани, а по останатите се постапува, но и во овој сегмет повторно бележиме намалување од околу 40 проценти за разлика од 75-те пријавени случаи на агитирање на минатогодишните избори, информираше министерот.

Од поспецифичните настани кои се пријавени, Спасовски наведе дека се видентирани 13 пријави за изборен поткуп, од кои пет се отфрлени како неосновани, седум за упатување закани или вознемирување на гласачи, шест случаи на фотографирање на гласачко ливче, три за излепен пропаганден материјал, по два настани за нарушување јавен ред и мир, за снимање на просторија на гласачките места, за фотографирање на гласачи, два за уништување на гласачки материјал и по еден за фрлени гласачки ливчиња, како и гласање од страна на ковид-позитивно лице, попречување на гласање, како и кривична пријава за настан случен за време на изборниот молк.

– Најголем број пријавени настани се на подрачјето на СВР Скопје – 22, СВР Штип -19, СВР Куманово – 16, СВР Битола – 14, СВР Тетово – 8, СВР Велес – 5, СВР Охрид – 3, СВР Струмица – три и едно известување од Секторот за компијутерски криминал, а се однесува за подрачјето на СВР Скопје, посочи Спасовски.

Министерот истакна дека се пријавени и седум случаи во кои се инволвирани полициски службеници од кои шест се проверни и од нив само две се основани, а се во врска со агитирање при вршење на службени дејствија, а еден е во фаза на расчистување.