Македонија
25. July 2019 - 15:28

Спасовски: Ветинг наскоро ќе има во МВР, а треба да се спроведе и во Обвинителството и судовите

Поранешен вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање по потекло од Струга, а сега пензионер, заедно со неговиот син беа фатени со трговија на 50 килограми дрога во Охрид. Двајца вработени во МВР во времето до 2017 година, се фатени како употребуваат дрога на улиците во Скопје, утврдени и вештачени, информираше денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на пратеничко прашање за оправданоста на ветингот што во моментов се спроведува во УБК.

Министерот најави дека таков процес наскоро ќе се спроведе во Министерството за внатрешни работи, нагласувајќи дека ветингот треба да се направи и во други институции, како Обинителството и судовите.

– Ова е потребно затоа што постојат силни аргументи кои укажуваат дека одредени луѓе кои се дел од тој безбедносениот систем или воопшто не требале да бидат во тој состем, а некои од нив не требало да поминат ниту по улицата каде се наоѓа Министерството, не пак да бидат вработени во полицијата. Дел од нив се исквариле во моменти кога дошле внатре, рече Спасовски.

Тој потенцираше дека ветингот е неопходна постапка за да се изгради систем и дека е потребен за граѓаните и иднината на нашата земја.

– Ако борбата до 2017 година беше како еден авторитарен режим да биде заменат и да се врати демократијата во Македонија, таа битка е завршена. Денес Собранието , Владата и граѓаните имаат задача да се борат против бандитите, криминалците и пљачкашите. Оваа битка не признава ниту националност, ниту вера, ниту партиска припадност, ниту пак слободни граѓани кои сакаат да бидат над државата и законите, истакна Спасовски.

Според министерот, „благодарение“ на минатата Влада, која ја нарече режимот до 2017 година, се отвори можност дипломи да се купуваат во трафика.

– Како ќе му текнеше на некој или му требаше, оди си купува и на основ на тоа добива позиција. Затоа имавме доктори по науки по безбедност кои беа обични инспектори во полициските станици во Битпазар, Чаир, Ѓорче Петров…, а шефови беа со купени дипломи во трафика. Кога ги купувале барем да воделе сметка. Имаше началник со Факултет за туризам поставен да води оддел за управување со возила, а делот на туризмот да го води машински инженер. Тоа покажува до кое дереџе ни беа институциите и со што треба да се справиме, истакна Спасовски.

Според него, ветенгиот треба да биде интерес на опозицијата и со тоа ќе докажат дека се промениле и дека сакаат нешто да направат.