Свет
24. September 2019 - 23:28

Спикерот на Претставничкиот дом се очекува да побара процес за импичмент на Трамп

Ненси Пелоси спикер на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, контролиран од демократите денеска се очекува да објави формална процедура за отпочнување импичмент (отповикување) на американскиот претседател Доналд Трамп, објави Си Ен Ен.

Пелоси го презема овој радикален чекор по новите обвинувања на штета на претседателот, кој призна дека негирал американска помош за Украина и ги притискал властите на земјата да го испита поранешниот потпретседател на САД и кандидат за демократска номинација во трката во Белата куќа, Џо Бајден.

Трамп негираше дека ја користел американска помош како средство за притисок врз Украина, оправдувајќи го неговиот потег со желбата  европските држави да ја засилат помошта за Украина. Но, тоа не беше доволно да ги убеди демократите во неговата „чесна намера“, и решиле да го започнат процесот на негово отповикување.

Додека Демократите дебатираа за покренување истрага, Трамп напиша на Твитер дека го одобрил објавувањето на целосните записници од телефонските разговори со украинскиот претседател Зеленски, очигледно со надеж дека ќе покаже дека нема ништо спорно.

„Ќе видите дека тоа беше тотално пријателски и тотално соодветен повик“, напиша Трамп.

Но, се чини дека можеби е предоцна, бидејќи Пелоси е убедена дека мора да покрене истрага што би можела да го означи мандатот на Трамп и да ги преврти наопаку Соединетите држави.

Луѓе блиски до Пелоси за Њујорк Тајмс ги потврдија нејзините намери, но инсистираа на анонимност бидејќи се работи за одлука што може да се промени во последен момент, иако тоа е малку веројатно.

Во секој случај, во фокусот на истрагата ќе биде наводниот притисок на Трамп врз украинскиот претседател Зеленски да отвори истрага против Џо Бајден, моментно водечки кандидат во трката за номинација на Демократите, и за неговиот син Хантер.

Контроверзниот разговор меѓу Трамп и Зеленски, наводно, е само дел од пошироката дојава од  „свиркачите“ што администрацијата на Трамп не сака да ја споделува со Конгресот. Иако Трамп изјави дека ќе ги објави своите разговори со украинскиот претседател, Демократите бараат целосно откривање на пријавата на ,,свиркачот”, кој денеска, наводно, изразил подготвеност детално да сведочи за сите свои откритија пред матичниот конгресен комитет.