Македонија
22. јуни 2022 - 9:22

СПМ: Бугарска работа, бескрајни лаги и барања!

Се избугарија работите во односите меѓу двете соседни држави.

Предлогот од Франција (кој всушност е договор-предлог на кабинетите на Ковачевски и Петков), за кој сите зборуваат, го знаат и го прочитале само кај нас официјално го нема.

Не е примен во архивата на МНР за да се запознае и министерот Османи, иако тој точно знае за што се работи.

Предлогот на Франција, зад кој Ковачевски-Петков невешто се затскриваат, е целосно спротивен на интересите на државата Македонија. Бидејќи проблемот не се реши билатерално, тој, со овој предлог станува европски и со тоа ЕУ е сè подалеку за Македонија.

Веројатно ќе се преговара следните 30 - 40 години и ќе се прават обиди да се скрши позицијата на Македонија и Македонците и ќе зависи во сè од Бугарија.

Сè што е апсурдно и се бара од Бугарија во предлогот, акцискиот план и рамката за преговори, Македонија ќе мора да спроведува, иако е надвор од принципите и логиката низ која поминаа државите членки на ЕУ, па и самата Бугарија.

Се предлага реверзибилност на процесот (а доколку нешто не ги задоволува барателите се ќе почне да се преговара од почеток) што е апсурд кој е направен да не се случи членството во ЕУ.

Факт е дека нема шанси да се решат сите прашањеа кои не се согледливи, а особено историските. Тоа значи преговори и отстапки без крај.

Процесот на бугаризација на Македонија за што се залага наводно Франција, а всушност двоецот Ковачевски-Османи и Петков, не треба да се прифати по никоја цена.

Никој нема мандат за такво нешто.

Лагите од Бугарија како и барањата немаат крај и ќе се множат сè до исчезнување на Македонија и нејзино прогласување за втора бугарска држава.

Бугаризацијата на Македонија е неприфатливо па макар и да не се преговара за членство во ЕУ.

Суштината е да ја снема Македонија и со тоа да се заборави на Македонците во сопствената држава и во Бугарија и во Грција.

Бугарија делува во свои и во интереси на трети страни со цел да се изместат влијанијата врз Македонија и таа да се оддалечи од ЕУ.

Лагите на Ковачевски и Османи дека не се запознати со договорот и не треба да се реагира е предавство на националните интереси. Мора да се реагира и во Франција и во сите држави членки на ЕУ, да се лобира и да се бара кај сите да не се прифати тоа што се предлага.

Веруваме дека Македонија во државите пријатели ќе наиде на разбирање и поддршка во отфрлањето на овој неверојатно пакосно подмолен предлог.

Доколку се национално свесни и свесни за последиците кои ги нанесуваат со инфантилното молчење и неделувањето премиерот и министрите се историски виновници за штетното владеење. Затоа треба да си одат и да бидат заменети со искрени патриоти кои се борат за својата држава Македонија.

Преговорите нема да се завршат и затоа не треба да се отвараат по уцените и бугаризацијата на барањата

Преговорите се избугарија.

ЕУ сама по себе оди во непредвидлив правец и за тоа во заслепената власт треба да се свесни оти последиците се огромни.

Бугарија има проблеми со својот политичкиот идентитет и затоа сака да се прошири со влијанието врз Македонија и да ја бугаризира.

Не прифаќаат реалност од постоење на македонска нација, македонски народ и јазик. Тоа јасно го кажуваат и затоа нема помирливост и нема прифаќање на бугарските барања.

Македонизмот е самостоен и не може да се бара негово менување, претопување изгаснување само заради членство во една Унија па макар и „Европска“.

Историски е посилен и не треба да се гасне со одлуки на власта која е апатридна и анационална!

Македонскиот национален интерес е иманентен за Социјалистичката партија на Македонија!

Македонските социјалисти се свесни и цврсто национално определени во заштитата на државата Македонија.

Ние сметаме дека историјата и историското културно наследство на Македонија не се на продажба и не може во името на ЕУ да се пренесат на Бугарија.

Тоа е велепредавство и веднаш треба јавниот обвинител да преземе мерки против иницијаторите на таквите дејства.

Сокривањето информации од народот е катастрофално затоа што се кријат неприфатливи решенија за македонскиот идентитет, јазик, историја и се што е македонски интерес.

СПМ бара Македонија да не биде ставена во заложништво на Бугарија ниту во заложништво на ЕУ што со понудениот и договорен предлог е спротивно на националните и државните интереси, стои во статусот објавен на Фејсбук на СПМ.