Македонија
25. November 2022 - 9:23

СПМ: Потребни се итни и неодложни предвремени парламентарни избори

Социјалистичката партија на Македонија со внимание се запозна со последната изјава на премиерот на Португалија г-динот Антонио Коста во врска со проширувањето на Европската Унија. 

Оттаму, во контекст на сегашните институционални и буџетски услови, ЕУ не може да ги исполни очекувањата од проширувањето што сама ги создаде, а со настанатата криза самото прашање за проширување го стави во центарот на дебатата со што, многуте ветувања дадени во текот на годините, ги зголемија очекувањата, особено во земјите од Западен Балкан.

Европската унија има многу јасни критериуми за пристапување на нови земји-членки, но таа нема критериуми за сопствениот капацитет да прими нови земји-членки.

Сето ова на било кој член на македонската Влада треба да му е совршено јасно, особено на Ковачевски, Маричиќ и Османи.

Социјалистичката партија на Македонија ги осудува лажните претстави и манипулации кои ги создава премиерот, министрите и надлежните институции во Македонија во врска со преговорите со ЕУ, кои сеуште не се ни започнати.

Тие дрско лажат и ги манипулираат граѓаните дека за 8 години ќе станеме членка на ЕУ, а тоа нема никаква врска со реалната состојба, што се потврдува со повеќе изјави на претставници од Унијата, а особено со можните и очекувани вета од Бугарија.

Уште пострашно е што тие безобразно ја злоупотребуваат евроинтеграцијата ставајќи ја во нивниот наратив преку кој перфидно сакаат да се доближат до граѓаните, а во суштина единствено сакаат да ја задржат власта, макар уште за само еден месец, за дополнителни отстапки и предавства, злоупотреби, криминали, местење тендери, распродажби и крадење исклучиво за личен материјално финансиски интерес

Социјалистичката партија на Македонија истакнува дека Владата на Република Македонија предводена од нелегитимниот премиер Ковачевски со полтронскиот однос и прифаќање на сè што се бара од странство, особено со неговиот вазалски однос кон Бугарија и исполнување на сите барања на Софија, само ја доуништува македонската држава.

Социјалистичката партија на Македонија укажува дека е неопходна смена на премиерот и владата и доаѓање на нова влада која е национално определена, стручна и способна со луѓе кои ќе работат во интерес на граѓаните и државата.

Затоа со итни и неодложни предвремени парламентарни избори е потребно да се направи таа смена и да се дефинираат нови стратегии кои со добиениот мандат ќе значат спас на државата и нејзината иднина.