Македонија
1. October 2019 - 15:39

Средба на Џафери со новоименуваната амбасадорка на Шведска во земјава

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска оствари средба со новоименувата шведска амбасадорка во земјава Кристин Форсгрен Бенгтсон, на која била најавена новата развојна стратегија на Шведска за периодот 2021-2028, што ќе опфати дел посветен особено на Република Северна Македонија, со силно нагласени приоритети за европската агенда.

Амбасадорката Бенгтсон, информира собраниската Прес-служба, го истакнала задоволството што ја претставува својата земја во Република Северна Македонија и изразила уверување дека во нејзиниот мандат очекува да даде голем придонес во нашето интегрирање во Европската Унија.

– Кралството Шведска силно ја поддржува европската интеграција на Западен Балкан и тоа веќе еднаш го покажа во рамките на претседавањето со Советот на Унијата во 2001 година, како и во подготовката на Охридскиот рамковен договор. Позицијата на шведската Влада во однос на актуелните предизвици кон европското проширување е дека, Европската Унија треба да покаже категорична поддршка на овој процес, бидејќи кохезијата во целата Унија не е можна без регионот на Западен Балкан, се вели во соопштението.

Во однос на билатералната соработка, Шведска подготвува нова Развојна стратегија за периодот 2021-2028, што ќе опфати дел посветен особено на Република Северна Македонија, со силно нагласени приоритети за нејзината европска агенда. И понатаму приоритетите ќе бидат демократијата и владеењето на правото, животната средина, безбедноста и пазарната економија, но ќе се работи врз значително повисок степен на интеграција, поради очекуваното отворање на пристапните преговори.

Џафери, како што информира собраниската Прес-служба, и посакал топло добредојде на Форсгрен Бенгтсон во Република Северна Македонија, со желби за успешен амбасадорски мандат и потенцира дека, со Амбасадата на Кралството Шведска во Скопје, континуирано имаме многу блиска и конструктивна соработка, што е одраз и на фактот што нашите две држави историски негуваат отворени, блиски и пријателски односи, базирани на меѓусебна поддршка и разбирање.

Особен акцент е ставен и на блиската и континуирана соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Парламентот на Кралството Шведска, со взаемни посети и размена на искуства од парламентарните практики.

Џафери, исто така, ја реафирмирал благодарноста за силната поддршка на Шведска на евроатланската интеграција на земјава, особено ценејќи го фактот што Стокхолм е силен поборник на политиката на проширување, имајќи предвид дека не сите земји членки на ЕУ го делат истиот ентузијазам и ја поздрави ревизијата на Стратегијата на шведската Влада за развојна соработка со Источна Европа, Западен Балкан и Турција 2014-2020, со обнова на билатералната компонента во соработката меѓу Шведска и Република Северна Македонија. Од особено значење е и Декларацијата за соработка меѓу Република Северна Македонија и Кралството Шведска, со која се реафирмира поддршката за нашите стратегиски приоритети и се дефинираат конкретни области од заемен интерес, на билатерален и на мултилатерален план. Тој исто така посочил дека, шведската поддршка на интеграцијата на Република Северна Македонија во НАТО е високо ценета, имајќи ја предвид шведската неутралност во воените сојузи.

На средбата, Џафери ја информирал амбасадорката и за финализирањето на членството на башата земја во НАТО Алијансата, при што очекувањата се на почетокот на следната година да станеме 30-та полноправна земја-членка, имајќи во вид дека се останати вкупно шет земји-членки чии парламенти треба да го ратификуваат Пристапниот протокол, по што ќе следи и официјализирањето на полноправното членство и ратификацијата на основните НАТО протоколи во нашето Собрание.

Двајцата соговорници во овој контекст споделиле видувања дека, членството во Алијансата дополнително ќе ја зајакне регионалната стабилност и безбедност, но и ќе значи голема економска придобивка за самата држава, како што тоа се покажало и досега кај сите ново примени земји-членки.