Македонија
19. May 2016 - 22:47

Средба Попоски - Хан: Последните чекори превземени во Македонија се охрабрувачки за ЕУ

Откако Европската комисија денеска преку портпаролката Маја Коцијанчиќ порача дека договорот од Пржино е се уште клучен во однос на македонската криза, вечерва во Брисел се оствари средба меѓу министерот за надворешни работи Никола Попоски и комесарот за преговори за проширување Јоханес Хан.
 
На средбата што траеше повеќе од еден час, според македонскиот шеф на дипломатијата, тој и Хан отворено разговарале за сите прашања поврзани со политичката криза во Македонија и констатирале дека последните денови се превземени повеќе чекори во земјата што се охрабрувачки за Унијата.
           
- Имавме многу отворен средба со Хан. Пред се се фокусиравме на тоа што претставуваат главни приоритети во овој момент и констатиравме дека имаше повеќе чекори што се случија изминатите неколку дена што одат во вистинска насока. Тие се охрабрување на некој начин за Европската комисија во правец на задржување на препораката за преговори со Европската унија за членство на Република Македонија. Мислам дека уште повеќе напори ќе треба да бидат вложени во следниот период и тоа ќе биде наш фокус. Преку реформи да ги убедиме нашите партнери во ЕУ дека е важно да ја задржат Македонија на агендата - истакна министерот Попоски во изјава за МИА по средбата.
 
Средбата Попоски - Хан дојде еден ден откако во Република Македонија се врати во работен погон Собранието, кое ги одложи планираните избори за 5. јуни и ги усвои оставките на министрите и дополнителните заменици-министри во Владата од опозициската СДСМ, по што повторно земјата ја предводи коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.