Македонија
24. October 2017 - 16:29

Средба Заев - Еурокомпозит: Следната недела една плата, се работи на системско решение

Следната недела на владина седница ќе биде донесена одлука за обезбедување средства за една плата за вработените во претпријатието „Еурокомпозит“, а се разгледува и можноста за системски решенија за трајно решавање на егзистенцијата на вработените. 

Ова денеска на средба во Владата им го пренел премиерот Зоран Заев на синдикалните претставници на „Еурокомпозит“ и на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР).   

Премиерот Заев, како што соопшти владината прес-служба, истакнал дека веќе активно се разгледува можноста за решавање на егзистенцијалното прашање на вработените кои со месеци не земаат плата преку Законот за материјално обезбедување невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата. 

Синдикалните претставници ја поздравиле определбата на Владата за системски пристап и трајно решавање на проблемот со претпријатието кое, како што се вели, со години е маргинализирано поради што е загрозена егзистеницијата на околу 240 вработени.

На средбата било истакнато дека се разгледува и опцијата колку средства се потребни за набавка на репроматеријали за да се овозможи производството, како и можноста да се прошири опфатот во Законот за материјално обезбедување невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата со што трајно би се решило прашањето на над стотина лица од „Еурокомпозит“ кои имаат над 60 години.

- Исто така, ќе се отворат и изводливите опции за натамошната иднина на претпријатието „Еурокомпозит“, со што се дава предност на можноста државата да помогне околу обезбедувањето услови, ова домашно претпријатие да остане во државна сопственост и да продолжи да функционира. Се има предвид дека треба да биде решен и заостанатиот проблем со неисплатени придонеси на вработените во временски период од пет години, поради што сметката на претпријатието е блокирана, се наведува во владиното соопштение.

Синдикалните претставници укажале дека Еурокомпозит може добро да работи и оцениле дека постои политичка волја од страна на Владата за решавање на нивниот проблем. 

Договорено е да продолжат контактите на двете страни со цел да се обезбеди добра иднина за претпријатието.