Македонија
16. September 2020 - 12:43

Средба Заев – Мицотакис во Атина

Македонскиот премиер Зоран Заев денеска ќе оствари средба со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис на маргините на Конференцијата на Економист посветена на борбата со пандемијата на КОВИД 19 и нејзиното влијание врз глобалната и европска економија.

Според агендата, Заев прво ќе се сретне со грчката Претседателка Катерина Сакеларополу по што ќе има работен ручек со Мицотакис.

Заев изутрината се обратил и на панелот посветен на иднината на Западен Балкан. Како што соопшти владината прес-служба, тој рекол оти најдобрата иднина за регионот е да се продолжи со евроатлантските интеграции, додавајќи дека Договорот од Преспа е одличен пример за успех на дипломатијата.

-Резултатот од последните парламентарни избори во Северна Македонија покажува дека граѓаните знаат и да ги наградат политичарите кои донесуваат тешки одлуки кои се добри и од огромно значење за иднината на земјата и граѓаните. Потребна е силна политичка волја за да се решаваат сите деликатни прашања и тоа е охрабрувачка порака за Западен Балкан. Се надевам дека нашите постигнувања, договорите со Грција и Бугарија, се доволно инспиративни за лидерите во регионот да се посветат на негување на мирот и стабилноста, да ја зајакнеме регионалната соработка, да постигнеме поголем економски развој и да останеме до крај посветени на евроатланските интеграции, истакнал Заев во обраќањето.

Вчера, на првиот работен ден на конференцијата Заев се сретнал со поранешниот премиер на Грција, Алексис Ципрас со кој заедно ставија потпис на преспанскиот договор за промена на уставното име на Република Македонија

Вчера премиерот имаше средба со бизнис секторот на која разговарал за можноста за приклучување на Македонија на гасоводот кај грчкиот град Александруполи.

Во текот на денешниот ден, својата прва официјална работна посета ќе ја има и новиот шеф на македонската дипломатија, Бујар Османи кој ќе оствари средба со својот грчки колега Никос Дендиас.