Балкан
25. November 2022 - 13:44

Српски медиуми: Кај Хоргош приведени околу 600 мигранти, акција и во Белград

Повеќе од 600 илегални мигранти се приведени во областа Хоргош и Суботица по судирите меѓу две групи и престрелките што се случија во четвртокот вечерта, објавија белградските медиуми. Приведените мигранти најверојатно ќе бидат транспортирани во бегалските центри на југот на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Полицијата и жандармеријата го пребаруваат реонот околу Хоргош и границата со Унгарија, а во акцијата е запленето и оружје.

На местото на настанот пристигна и министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ кој имаше средба и разговор со мештаните за да ги смири.

-Нулта толеранција кон секој кој го злоупотребил нашето гостопримство. Животите и имотот на српските граѓани ќе бидат заштитени, рече Гашиќ.

Порталот Нова.рс објави дека во местото Хоргош биле забележани празни автобуси, а се претпоставува дека ќе се користат за превоз на мигранти.

Како што јави Танјуг, полицијата спроведува акција и во Белград. Пред Економскиот факултет се гледаат два полициски комбиња, додека во паркот пред таа институција, кој од 2015 година е често собиралиште на мигрантите, има неколку десетици од нив, опколени од полицијата.