Македонија
19. April 2017 - 10:08

Стари занаети коваат нови приказни и трендови

Стари занаети љубоморно се чуваат во малото малешевско градче Пехчево. Традицијата наследена од дамнина, од предците, денес од многу аспекти видоизменета, но сепак, со печатот на старото време и старите занаети. Уникатните производи добиени мануелно од мајсторите на занаетот, излегуваат од локални рамки допирајќи до муштерите од цела Македонија, но и во странство. Такви се производите од најмладиот занаетчија, лимарот Здравко, потоа од најстариот ковач во Малешевијата Кадрија, но и на познатиот колар и пајтонџија Тимко. Нив ги врзува една нишка, тоа е љубовта кон занаетите и животот во Малешевијата и малото Пехчево.

 	zanaet2

Тајната на старите црни пехчевски шпорети

Тајната, стара повеќе од еден  век за изработка на добро познатите пехчевски црни шпорети се чува во лимарската работилница на младиот лимар Здравко Каракашов од Пехчево. Рачно изработен, овој шпорет е конкуренција на популарните брендирани печки на дрва, а го купуваат од цела Македонија. Здравко има 33 години и мајсторијата во лимарството ја научил од неговиот дедо со исто име Здравко.

- Еден шпорет го работам точно пет дена. Овој шпорет е рачно изработен. Сите негови делови јас ги правам.Ова е карактеристичен шпорет за овој крај, повеќе се користат за викендици, оти многу печат и се многу подобри од познатите шпорети, значи можеш да испечеш компир за 20 минути. Шпоретиве ги купуваат од цела Македонија. Се јавуваат постојано луѓе од секаде, бидејќи се многу практични, вели Здравко.

Тој е најмладиот занаетчија во Малешевијата. Својот занает кој го усовршил, го научил од дедо му. Уште како дете Здравко , буквално, го крадел занаетот од дедо му.

- Не е тешка работата, но не може секој да ја работи. За ова треба да се има кликер. Јас занаетот го крадев од дедо ми. Како дете доаѓав овде и скришно го гледав како работи.Тој не е многу комуникативен, па така го гледав кај што работи и учев, ни рече Здравко.

Овој млад лимар дневно може да направи и педесетина ќунци, но сепак, иако работи по цел ден, не е задоволен од заработувачката.

- Од занаетот може да се живее , но тешко. Има многу давачки на државата, прво, мора нив да ги платиш, па да купиш материјал, па после ако нешто остане.Сепак за мене е предизвик оваа работа и секојдневно се трудам секој мој нов производ да биде подобар од претходниот, рече Здравко.

Сепак, сѐ што се случува во лимарската работилница се следи од дедото, осумдесетгодишниот мајстор Здравко Симовски. Тој ни ја раскажа неговата приказна за занаетот, посебно горд што негов наследник е неговиот внук.

- Јас овој занает го научив од татко ми, тој беше лимар. Работам од шеесетата година од минатиот век. Занаетот го продолжува мојот внук, и признавам дека е подобар од мене. Јас веќе не гледам, а тој во се е побрз и подобар, признава Симовски.

Лимарската работилница во која се крие приказната за три генерации лимари, чува раритени  машини стари и по 70 години, дел сами изработени, дел купени. Звукот на рачната обработка на лимот кој се слуша и надвор од работилницата, зборува дека лимарскиот занает е во сигурни раце кои го продолжуваат животот на лимарскиот занает во Малешевијата.

 	zanaet3

Со пехчевските пајтони се возат скопските невести

Пајтоните со кои се возат невестите и младоженците во Скопје ги изработува вредниот мајстор од Пехчево, педесетгодишниот Тимко Миовски. Во неговата скромна работилница, полна со топлина од дрвата и старите машини, се чува занаетот на последниот колар  во Македонија.Тимко е човек полн со идеи и мајсторија во рацете надалеку позната.

- Идејата за пајтоните е од еден мој пријател Миле . Имам изработени 4-5  пајтони. За нив треба многу работа, треба федери, железо... За иразботката на пајтоните, се користат и најразлични видови на дрва. Граѓа купуваме од Владимирово. Се користи бука, бор, а во тркалата се користи брест, што го има доста ретко, ама се снаоѓаме, вели Тимко.

Тој со гордост раскажува дека занаетот го наследил од неговиот дедо.

- Во оваа работилница сум од 12 години. Прво, работеше дедо ми, а јас како дете се врткав околу него. Потоа татко ми беше колар. Оваа работилница постои уште од  1918 година и овде дедо ми работеше. Се правеа многу запрежни коли, ама денеска тоа не се бара, па ние мора да бараме нови производи, да работиме, да бидеме во текот со времето. Многу бараат дрвени коли или други работи како декор по кафеани, рече Тимко.

Освен раритетниот занает, овој мајстор ја чува и уникатната машина за резбарење, наследство од дедо му од 1943 година, донесена  од Софија.

- Машината има интересна приказна. Дедо ми бил во Софија и оттаму ја купил, па таа била со воз донесена во Благовеград, а после дедо ми, со запрежна кола ја донел овде во Пехчево. Јас уште ја чувам и работам на неа, вели Тимко.

Иако, коларскиот занет изумира, коларот Тимко не се предава. Тој, денеска  го приспособил производството, па изработува и најразличен вид на столарија, но се надева дека неговиот син ќе  го продолжи животот на старата коларска традиција.

 	zanaet-4

Потковици за среќа

Потковици за среќа е производот- бренд на седимдесет и тригодишниот ковач Кадрија Дуровски од Пехчево. Во скромната ковачница, единствена во Пехчево, доаѓаат странци по потрага на потковицата како амајлија.

- Доаѓаат странци, најмногу  од Германија, но посебно и нашите иселеници кои ги има секаде по светот. Доаѓаат и ми бараат потковици. Ако порано, кога имаше повеќе коњи и магариња постојано ги потковувавме со потковици, сега  потковиците ги правам за среќа. Секој верува дека потковицата носи среќа, така и јас, сега правам залихи, за кога ќе дојдат странците да имам повеќе да им дадам, рече стариот мајстор Кадрија.

Ковачкиот занает изумира, вели стариот ковач, кој го чува занаетот од неговиот татко и дедо.Тој носталгично се сеќава дека порано во Пехчево имало 5 ковачници, а во Берово дури 12. Во неговата ковачница ударот на врелото железо се слушал и дење и ноќе.

- Сега во Пехчево останав само јас, но по пожарот во Берово каде изгореа двете ковачници, останувам единствен во Малешевијата. Работа нема како порано, но сепак, во нашиот крај се користат многу секирите за цепење дрва, па така доаѓа и по некој наш човек да си направи секира, иако и секирите веќе с е произведуваат фабрички, а со фабричкото производство ние не можеме да се бориме, вели Кадрија.

За, жал, неговиот занает нема никој да го наследи. Децата му се по белиот свет, а тој, скромен и вреден мајстор на занаетот, не се откажува, ќе ја чува традицијата додека може да го удира чеканот со старите раце, а новите потковици кои ги подготвува во работилницата, ја чекаат новата група странци во Пехчево.

  	zanaet1.

Старите занаети во функција на туризмот

Старите занаети во Пехчево ќе се ставаат во функција на туризмот. Никола Каракашов, вработен во ЛЕР во Општина Пехчево истакнува дека со новиот европски проект кој Општина Пехчево го работи во партнерство со општина Брезница од соседна Бугарија ќе се гради првиот инфорцентар во регионов  за туристичка логистика.

 - Инфоцентарот ќе биде со површина од 76 метри квадратни, а самиот објект изграден од дрво ќе биде енергетски независен. Објектот ќе биде целиот од дрво. И покрај другите намени за потребите на туризмот,  инфоцентарот треба да даде поддршка и промоција и на сето она што е традиција и обичај и го дава печатот на Пехчево, меѓу нив е и ревитализација на старите занаети, нивна промоција, ќе се држат обуки за да се возобноват старите веќе изумрени занаети, но и да се разбуди интересот кај младите да се вратат на занаетите, рече Каракашов.

Изградбата на инфоцентарот треба да  заврши за пет месеци.  Во рамките на овој европски проект Пехчево ќе набави и летна сцена за потребите на културни манифестации во Пехчево. Инаку проектот ќе се имплементира две години, а вкупната вредност е околу 450 илјади евра, средства кои Пехчево ги дели со Општина Брезница, Р. Бугарија.

Даниела Такева/МИА