Живот
17. September 2021 - 12:29

Стартуваше 42-то издание на „Браќа Манаки“

Со црвен тепих, но на друга локација заради ковид протоколите, синоќа во Битола започна 42.издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Традиционално се доделија наградите „Златна камера 300 за животно дело“, „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, а на отворањето беше прикажан филмот „Сестри“ на режисерката Дина Дума. Мотото на годинешното издание е „И покрај се“.

- Славејќи го филмот и неговите творци, овде вечерва сакаме да испратиме порака до вас, публиката, до филмаџиите и уметниците насекаде во светот, од овде, од кај нас во светот- а таа е дека овој фестивал ќе продолжи да ја слави уметноста на светот без разлика на сите проблеми и предизвици, рече Симеон Дамевски, директор на ИФФК „Браќа Манаки“.

Годинава добитници на специјалната камера 300 за особен придонес во филмската уметност се: Андреј Кончаловски, рускиот волшебник на филмската магија и Џослин Пук, една од најпознатите британски композитори на филмска, театарска, телевизиска и концертна музика.

- Навистина сметам дека вистинското наследство што го има вашата земја е едно од најнеоктриените бисери-богатства на Европа, рече Џослин Пуж, добитник на специјална камера 300.

Претседателот на ДФРМ, Игор Иванов Изи ја додели наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на Северџан Бајрам.

- Особена чест и задоволство ми е за доделеното признание. Голема благодарност за наградата до моите колеги и колешки кои ме одбраа мене, натуршчик, бидејќи немам завршено Факултет за драмски уметности, рече Северџан Бајрам, добитник на „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.

Претседателот Пендаровски кој е покровител на фестивалот, на Кристијан Бергер, австрискиот волшебник зад камерата, му ја врачи наградата „Златна камера 300“ за животен опус.

- ИФФК „Браќа Манаки“ е посебно место за нашата страст, а тоа е филмот и не знам друго место кое би било на второ место по ова, рече Кристијан Бергер, добитник на „Златна камера 300“ за животен опус.

Фестивалот ќе трае до 21 септември.