Македонија
21. March 2023 - 16:41

Стејт Департментот нотира корупција и бавна правда во Македонија преку последниот извештај

Висока корупција, бавна правда, лоши услови, недостиг на одговорност за родово и семејно насилство, нечовечко постапување  во затворите се главните забелешки на кои укажува Стејт Департментот и во извештајот за Македонија за 2022-ра.

Законот предвидува кривични казни за осуда за корупција од страна на службеници. Владата генерално го спроведуваше законот, но имаше значителни извештаи за функционери кои се занимаваат со корупција. Владата беше најголемиот работодавач во земјата, а невладините организации изјавија дека доминантната улога на владата во економијата создава можности за корупција. Јавните анкети постојано ја наведуваа корупцијата како една од главните грижи за граѓаните.

Американскиот Стејт Департмент бележи дека властите во Македонија преземале мерки за подобрување на состојбата со човековите права, но посочува на веродостојни извештаи за нечовечко и понижувачко постапување и пренатрупаност во одредени затворски одделенија, особено во Идризово, насилство и закани врз новинари, сериозна владина корупција, недостаток на одговорност за родово и семејно насилство и насилство и закани кон ЛГБТ популацијата.

Во делот на фер јавно судење, во извештајот стои дека иако Уставот предвидува автономни и независни судови, сепак владата не секогаш ја почитувала судската независност и непристрасност. Тоа според податоците, влијаело на довербата на јавноста во владеењето на правото.

Премиерот Ковачевски вели дека во извештајот е нотиран напредок во повеќе области, но признава дека мора да се работи на спроведување на реформите во судството.

Според извештаите на Судскиот совет, екстремно ниската доверба на јавноста во судството се должи на значителна судска корупција; судиите намерно ги одложуваат судењата за да овозможат застареност, особено во случаи од висок профил во кои се вклучени богати и влијателни бизнисмени или политичари.

Во посебен дел за антисемитизам, Стејт департментот ги нотира и извештаите на Еврејската Заедница за отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ како соработник на фашистите, што за евреите е чин на навреда и негирање на Холокаустот. Забележани се и протестите по отворањето и на клубот „цар Борис Трети“ во Охрид.