Македонија
1. December 2018 - 13:42

Стоилковски: Власта спроведува „Мрежа“ – партизација на јавната администрација

Криминогената власт на СДСМ спроведува најцрна партизација на јавната администрација под кодно име „Мрежа“. Во таа „Мрежа“ се имиња на партиски војници и послушници, кои работеа на црните сценарија на политиките на СДСМ, таа е истата онаа мрежа преку која беа испраќани пораките за излезност на референдумот, таа е истата онаа мрежа на СДСМ според која во оваа држава нема место за професионалци, за успешни, за напредни студенти, за нови идеи и вистински нов дух во јавната администрација.

Според Мрежата на СДСМ Вработување е можно само за партиската војска на СДСМ, и тоа само ако се запишани во црните тефтерчињата на партиските општински организации. Со оваа мрежа се спроведува мрачниот план на Заев за партизација од хигиеничар до министер, или како Курто Дудуш убаво тоа го објасни дека Членската книшка на СДСМ ќе биде се’, дури и замена за лични документи.

Според информациите, само општинската организација на СДСМ во Кисела Вода, спровела вработување на 8 лица во Општината, 6 членови на управни одбори во училишта во таа општина, потоа хигиеничарки, воспитувачки во градинки, како и едно вработување во Македонски шуми, откриваат медиумите, кои велат дека поседуваат документација за акцијата Мрежа.

Вчера, од тука од ВМРО-ДПМНЕ повикавме на одговори за над 30 партиски вработувања во ЈП Македонски шуми низ повеќе општински дирекции во кусо време, а каде непотизмот и партиската припадност се непобитен факт. Претходно посочувавме на вработувања во општините каде главни нововработени се роднини на општински и на партиски главешини.

Да потсетиме, Уште нема одговор од М-НАВ за нововработените 24 лица од кои речиси ниеден нема образование потребно за вработување во Агенцијата, но има партиска или роднинска позадина, па членовите на комисиите биле ставани под тежок притисок да ги примат токму нив. Нема одговори за вработувањето на мајката на Костадин Костадинов од СДСМ во администрацијата во Струмица, или сестрата и пријателката на Кирацовски во администрацијата во Битола.

Почитувани, ова ги докажува наводите во јавноста дека низ општините во Република Македонија, се одвиваа тајни опскурни партиски средби на функционери на СДСМ. Договарани се списоци- таканаречени Црни списоци- со работни места кои може да се отворат во општински ресори, училишта, градинки, подрачни единици на државната администрација, Комунална Хигиена, Македонски шуми, секаде каде може да се донаполни, а земени предвид беа и места зафатени од луѓе примени на определено време кои не биле дел од мрежата во црните тефтери.

На една од таквите средби, според документи на кои се повикуваат медиумите, генералниот секретар на партијата Александар Кирацовски порачал дека цитирам „Раководните кадри во институциите мора да направат чекори за вработување на наши членови“. И после сето ова, министерот за администрација Дамјан Манчевски, вината за неуспехот во евроинтеграциите ја става на грбот на администрацијата!? Само прашање е дали ваквите закани не се во функција на пронаоѓање вина за чесните во администрацијата за да бидат заменети со нови партиски кадри? Онака како што посочува Заев, ги оценуваме со слаби оценки за да може да ги замениме?

ВМРО-ДПМНЕ подолго време повикува на одговори и од институциите каде има партизација и непотизам, но и од институциите кои тоа треба да го истражат, но одговор- нема.

Почитувани, партизацијата на администрацијата е најлошата антиреформа. Тоа не е европска туку црна вредност на Зоран Заев, тоа не е патот кон Европската Унија, туку пат на уништување на државата од оваа криминогена власт.

Оваа црна политизација е пример за непотизам, ова е пример за партизација на администрација, нејзино максимално обременување и пат кон неефикасност. Тука во овој мрачен систем нема место за професионалци. Оваа криминогена власт која што ја зацрни РМ нема место за граѓани без партиска книшка на СДСМ. Во Животот според СДСМ во државата има работа само за партиски војници и роднини на партиските функционери.

Одговори на прашањата за црната партизација на администрацијата мора да има. Одговорност за овој мрачен период на Република Македонија мора да има. И ќе има, многу скоро.

Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ