Свет
30. October 2017 - 8:36

Столтенберг повторно побара мирно решавање на севернокорејската криза

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој е во посета на Јапонија, денеска повторно повика на мирно решавање на севернокорејската криза.

- Ние сме исто толку загрижени, колку и вие, од провокативното и неразумно однесување на Северна Кореја, кое претставува директна закана за Јапонија и регионот, но исто така е и глобална закана, изјави Столтенберг во обраќањето во Токио пред експерти и високи функционери на јапонското Министерство за одбрана.

Сепак, тој истакна дека и при ваквата ситуација, не треба да се користат вооружените сили, туку е неопходно мирно решение на проблемот.

Пред десетина дена, Столтенберг оцени дека воена интервенција во Северна Кореја би имала „катастрофални последици".

- НАТО силно го поддржува политичкиот, дипломатски и економски притисок врз Северна Кореја, повтори денеска Столтенберг.

Тој ја истакна потребата санкциите против Пјонгјанг, кои во семптември беа одобрени од ОН, да се применат „во целост и со најголема транспарентност".

Во текот на последните месеци, севернокорејскиот режим изврши шеста по ред нуклеарна проба и тестови на неколку балистички ракети со голем дострел, способни да ги погодат бреговите на САД.