Македонија
13. May 2020 - 16:48

Стоматолозите почнаа со работа - но има прашалници и најверојатно повисоки цени

Дали сте позитивни на Ковид 19 и дали изминатите 14 дена сте биле болни? Ова е дел од прашањата кои задолжително треба да ги пополните пред да ви биде направена стоматолошка интервенција. За да седнете на столчето ќе мора да потпишете и писмена изјава дека сте свесни за ризикот од можна инфекција со коронавирусот. Министерството за здравство дозволи од денеска сите стоматолошки ординации да ги отворат вратите за пациентите. Но, дел од стоматолозите одлуката ја дочекаа не подготвени за да почнат со работа.

-Многу од колегите ме прашуваат од каде набавуваме опрема, по која цена и која е неопходната опрема за да ја имаат. Се најдоа затекнати во ситуацијата. Ризикот е многу голем зошто една ординација може да биде извор на зараза и тоа многу голема. Контаминирањето од пациент на пациент од фреквенцијата која ја имаме можеме за брзо време да станеме кластери, изјави д-р Горан Мишевски, од Здружението на приватни стоматолошки ординации.

Според протоколите од денеска стоматолозите можат ги пружаат сите услуги во зависност од опремата која ја имаат. Задолжителна е заштитна опрема и честата дезинфекција, а пациентите да ги примаат во интервали од 1 час. Ова според нив ќе им преполови бројот на интервенции, а од друга страна задолжителната опрема неколку кратно поскапела.

-Прво сме редуцирани на 50 проценти, и работиме помали интервенции кои се партиципираат со помалку средства. Од друга страна поскапени се средствата за работа. . Ако кутија ракавици чинела 150-200 денари, сега е 1350 денари, изјави д-р Мишевски.

Поради ова од здружението на приватни стоматолошки ординации кои имаат договори со Фондот сметаат дека неопходна ќе биде помош од државата или ќе поскапат услугите, а цехот ќе го платат пациентите.