Македонија
21. January 2020 - 16:42

„Стоп за извршителите“ пред уште една победа во Собранието

Пратениците ќе одлучуваат за застарување на долговите и отпис на каматите. Овие предлог законски измени влегоа во собраниска процедура. Невладините организации, кои се дел од иницијативата “Стоп за извршителите”, очекуваат пратениците да ги усвојат овие законски измени, што би важеле само за долгови на граѓаните кон јавните комунални претпријатија.

 “Ние бараме цело време тоа застарување да важи, да биде јасно, да нема застарување во 15-20 години. Значи, да биде јасно, да има отсечка. Дали ќе биде тоа 4,5,7 години застарување од сега за сите побарувања. Значи, правосилни судски одлуки, извршни исправи, било какви други побарувања како нотарски платни налози”, вели Ана Глигорова од непрофитната организација “Човекот над профитот”.

“Од 91 година, во 2017 година доаѓа извршно решение од 2.000 динари, два чека во Југославија, ми доаѓа сума од 120.000 денари. Значи, 27 години”, раскажува еден граѓанин.

“Владата може преку своите институции да преговара и со приватните фирми и со приватните банки да се најде решение, бидејќи џабе на луѓето им се пролонгира рокот за исплата, дали една третина, дали една петтина, ако каматите растат до бескрај”, вели Марјан Ристески од Конфедерацијата на синдикални организации.

Собранието веќе усвои дел од барањата на граѓанската иницијатива “Стоп за извршителите”. Сега долговите нема присилно да се наплатуваат од корисниците на гарантирана минимална помош, детскиот додаток или од примањата за социјална сигурност на старите лица.
Освен тоа, од граѓаните чии месечни примања се под државниот просек извршителите ќе им одземаат една петтина, наместо една третина како до сега. Ова важи за сите чија плата е помала од 25.726 денари и за сите пензионери со пензија под 14.598 денари.
Наскоро треба да биде готов и новиот тарифник, со што извршителската награда од сегашните 1.000 ќе се намали на 300 евра. Ова беше причина кон крајот на минатата година извршителите на еден ден да ги затворат своите канцеларии во знак на протест. Иако ги баравме неколку пати, од Комората на извршители до овој момент не добивме официјална изјава.