Свет
12. January 2020 - 8:24

Стотици демонстранти во Техеран побараа повлекување на ајатолахот Хамнеи заради урнатиот украински авион

Ирански демонстранти денеска побараа повлекување на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи по соборувањето на авионот со 176 патници и членови на екипажот крај Техеран, пренесоа британските медиуми.

На Твитер се објавуваат видеа од кои се гледа како стотици лица пред техеранскиот универзитет „Амир Кабир“ скандираат „главен команданту – оставка, оставка”.

Британските медиуми, меѓутоа, се уште не можат да утврдат дали снимките се автентични.

Првиот ирански потпретседател, Есак Џангири, соборувањето на авионот го нарече национална трагедија, јави ИРНА, цитирана од Тасс.

Тој повика на спроведување сериозна и транспарентна истрага за причините за трагедијата.

„Боинг 737“ на „Украинските меѓународни авиолинии“ на 8 јануари  се урна само неколку минути по полетувањето од аеродромот во Техеран. Во несреќата загинаа 176 лица.

Иран денеска призна дека авионот по грешка бил погоден и соборен со нивна ракета.

Секретарот на украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана, Олексиј Данилов, изјави дека Иран првично се согласил да исплати отштета на семејствата на загинатите и на Украина да и ја надомести сумата за соборениот авион.

Тој во интервју за Би-Би-Си денеска кажа дека Иран ја дал согласноста по официјалното признавање на одговорноста за соборувањето на леталото.