Македонија
26. March 2020 - 18:28

Струмица воведува дополнителни мерки за заштита од ширењето на корона вирусот

Струмица воведува дополнителни мерки за заштита од ширењето на корона вирусот.   По наредба на општинскиот штаб за заштита и спасување  јавното претпријатие за комунални дејности Комуналец ги затвора сите отворени пазари во градот.  Одлуката стапува на сила од овој викенд, односно од сабота кој во Струмица е пазарен. 

Со оваа одлука на неодредено затворени за работа ќе бидат двата пазари на мало Чешел и Кантон, како и кванташкиот пазар. Претходно беше затворен и градскиот пазар  кој се наоѓа во склоп на трговскиот центар Глобал.

Во известувањето од општинскиот кризен штаб се апелира до граѓаните за разбирање и почитување на оваа и сите останати мерки кои се преземаат за заштита од ширење на корона вирусот. 

Со одлука на општинскиот штаб за заштита и спасување од денеска за рекреативни движења на граѓаните беше  затворена и рекреативната трим  патека до манастирот „Свети Илија“.

Пред пет дена,  како превенција општината ги затвори и сите детски игралишта во парковите. Затворени се и отворените спортски терени, летниковците во парковите, но и пред станбените објекти кои ги користат повозрасните групи граѓани.  На сите овие локации има поставено ленти со предупредување  дека користењето на истите е забрането.