Македонија
27. јуни 2022 - 12:19

Струмичани добиваат можност за селекција на отпадот

Струмичани ќе селектираат отпад, а за возврат имаат можност да бидат и парично наградени. После општините Аеродром и Валандово и струмички Комуналец  стана дел  од проектот Селектирај отпад. Селекцијата е доброволна, а граѓаните може да се вклучат  преку мобилна апликација по што ќе добијат ќеси за пластика и хартија на кои има посебен бар код. За секоја полна ќеса се добиваат поени, а на крајот месецот тие  со најмногу  собран отпад имаат можност за награда од 500 до 2000 денари.

Граѓаните ја поздравуваат иницијативата и велат дека ќе се вклучат во истата.Очекуваат проектот  да придонесе во намалувањето на количините на отпад.

Реализацијата на проектот за селекција не само што ќе помогне за помалку пластика, туку ќе придонесе и за намалување на малите депонии кои секојдневно никнуваат насекаде во градот.

Собраниот отпад нема да завршува на депонијата Добрашинци, туку кај специјализирани економски оператори кои пластиката и хартија ја користат како суровина за производство.