Македонија
19. October 2019 - 16:43

Струмичка гимназија започна да едуцира проектирање со помош на робот

Струмичката гимназија прва во државата почна да користи лего робот за потребите на наставата. Целта е преку  примена на иновации  да се развиваат лекции од областа на природните науки, односно математика, информатика и физика Роботот е набавен преку Еразмус+ проектот ,,Пробот - учење на програмирање со помош на робот“.  

Гиманзијата Јане Сандански проектот го имплементира заедно со уште пет средни училишта од Европските држави, односно од  Полска, Италија, Словенија, Литванија и Грција. Носител на проектот е факултетот од Катовице, Полска.

,, Сметаме дека се доста интересни лекциите. Тие се применливи од областа на природните науки, значи од областа на физика, информатика, математика каде што учениците може практично да се учат креативно да размислуваат и воедно да учат и програмирање. Програмирањето е во Python. Се разбира лекциите се прилагодени зависно од предзнаењата на учениците, зависно од нивниот интерес“, вели професор Софија Тошева.

Првичните искуства покажале дека ваквите часови за учениците се многу поинтересни бидејќи на истите може да се спојат и повќе предмети во еден.

,, Ние сме први со лего робот кои што во наставата го користат. Можеби за други демонстративни цели се користи, но искуствата покажуваат дека на учениците вакви часови им се поинтересни, посебно кога повеќе предмети се спојуваат во еден. На пример,  физика со информатика или информатика со математика“, вели професор Тошева.

Проектот започна во ноември пред две години , а треба да заврши во август 2020. Оваа година се работеше на развој на лекции кои се нови и иновативни, а наставниците по информатика, математика и физика можат да ги користат во наставата, при што се користи програмирање како основна врска меѓу лекциите и роботот .