Македонија
17. September 2016 - 11:09

Студенти од цела Европа во Охрид ќе се запознаваат со македонската култура и традиција

 Повеќе од 150 студенти од триесеттина европски држави ќе бидат дел од проектот „OHRID Jam“ за културна размена што во организација на Меѓународната студентска организација – Борд на европски студенти по технологија (БЕСТ) од 30 септември до 3 октомври ќе се одржува во Охрид.

Во рамки на проектот студентите од цела Европа ќе имаат можност преку најразлични активности, како шетање и истражување на градот Охрид, интернационална вечер, крстарење по Охридското Езеро, но пред се, со дружба и разменување на искуства со македонските студенти, поблиску да се запознаат со македонската култура и традиција.

БЕСТ е непрофитна и неполитичка организација која на студентите им дава можност да го да го прошират своето знаење за теми кои го надополнуваат нивното образование преку организирање академски курсеви, инженерски натпревари, симпозиуми за едукација, тренинзи и културни размени. Нивна интенција е континуирано да придонесуваат кон зближување на студентите од цела Европа, преку најразлични настани како академски курсеви, работилници и културни размени.