Свет
30. May 2023 - 8:43

Суданските фракции се согласија да го продолжат примирјето

Завојуваните судански фракции во понеделникот се согласија да го продолжат примирјето за пет дена, откако обновените жестоки борби и воздушните напади во делови од главниот град ги зголемија сомнежите за ефективноста на примирјето.

Саудиска Арабија и САД, кои посредуваа во договорот за еднонеделен прекин на огнот и го следат од далечина, најавија непосредно пред крајниот рок што, требаше да истече во понеделник навечер, дека примирјето ќе биде продолжено.

Иако прекинот на огнот не беше целосно испочитуван, тој овозможи испорака на итна помош до околу два милиона луѓе, се вели во заедничката изјава на двете земји.

„Продолжувањето ќе овозможи понатамошна хуманитарна помош, функционирање на клучните служби и дискусија за потенцијално подолго продолжување“, се вели во соопштението.

Неколку часа претходно, жителите пријавија борби во сите три соседни градови кои ја сочинуваат поголемата област околу главниот град – Картум, Омдурман и Бахри. Како што наведуваат, интензитетот на борбите бил поголем отколку во изминатите три дена.

Суданската армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) се во борба за власт што избувна во отворен конфликт на 14 април, при што загинаа илјадници, а раселени се речиси 1,4 милиони луѓе од нивните домови.